Прилеп ја одбележа 65 годишнината од смртта на Методија Андонов-Ченто

Делегација на Општина Прилеп предводена од градоначалникот Борче Јовчески, како и делегации на Советот на Општина Прилеп и политичките партии, денеска положија свежо цвеќе пред споменикот на Методија Андонов-Ченто во центарот на градот. Оддавањето почит пред споменикот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, е по повод одбележувањето на 65-годишнината од неговата смрт.
Методија Андонов – Ченто е македонски национален борец, деец и политичар и прв претседател на Президиумот на АСНОМ. Роден е во Прилеп на 17 август 1902 година, а починал на 24 јули 1957 година, во својот роден град.
Долго време по неговата смрт, Ченто бил табу тема и ретко бил споменуван во книгите и учебни¬ци¬те, а и јавните разговори за него биле најстрого забранувани. Во 1990 година, по осамостојувањето на Македонија, на барање на неговиот син Илија Андонов – Ченто, судот ја повторил кривичната постапка против Ченто, при што одлуката на судот од 1946 година била укината. Постхумно е одлику¬ван со “Орден на Република Македонија”, признание кое го имаат само поранешните претседатели на Македонија.
Така завршува епопејата за еден борец за македонско национално единство, борец   за обединета и независна Македонија.