Со учество на над 500 групни и поединечни маски, во текот на двата карневалски дена, како и со изложбата на рачно изработени традиционални маски, Општина Прилеп успешно го организираше карневалот „Прочка 2026“. Годинава манифестацијата имаше меѓународен карактер, со учество на карневалски групи од земјава и од странство, а во фокусот беа двата значајни јубилеи – 100 години „Прилепски мечкари“ и 25 години карневал „Прочка“.
– Прилеп живееше во овие два карневалски дена, со детското дефиле и централната карневалска поворка. Потврдивме дека ова не е само манифестација, туку идентитет и култура што ја негуваме со гордост. Особено сме горди на маската „Прилепски мечкари“, која е наше нематеријално културно наследство и симбол на истрајноста, автентичноста и духот на нашиот народ. Горди сме што оваа традиција веќе цел век живее и се развива – истакна градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, упатувајќи благодарност до сите учесници, институции, волонтери и граѓани кои придонесоа за успешната организација, нагласувајќи дека ова е заеднички успех на целиот град.
Годинава карневалот го посети и претседателот на Федерацијата на европски карневалски градови, Ларс Алгел, кој нагласи дека е среќен што Прилеп го врати својот карневалски сјај.

– Многу ми е драго што сум тука. Гледам многу познати лица, а особено ми се свежи сеќавањата од времето кога се одржа Светската конференција на карневалски градови тука во Прилеп. Навистина сум среќен што направивме еден рестарт на прилепскиот карневал – изјави Алгел.
Во рамки на карневалот традиционално беа доделени и награди за најдобрите маски. Гран при наградата ја освои „Весела фарма“ од ООУ „Добре Јованоски“. Во детската конкуренција, првото место го освои маската „Од цветот на знаењето се раѓа медот на успехот“ од ООУ „Кочо Рацин“, второто „Шах-мат“ од ООУ „Рампо Левката“, а третото „Јинг Јанг“ од ООУ „Кире Гаврилоски Јане“.
Во категоријата возрасни групни маски, најдобра беше „Пепелашка на карневал“ од „Зодијак“, пред „Прилепска златна кралица“ од СОУ „Ѓорче Петров“ и „Врховниот совет на смарагдите“ од Здружението за развој и едукација. Кај поединечните маски, наградата за детска маска ја доби „Gothic girl“ од Мидеа, додека кај возрасните најдобра беше „Puxelstar“ од Мила Спиркоска.
Карневалските празнувања започнаа уште во петокот со изложба на рачно изработени традиционални и современи маски од ученици и наставници од основните и средните училишта од Општина Прилеп. Најдобрите изработки беа оценети и наградени од стручно жири.
Карневалските денови беа исполнети со жонглери, кловнови, акробати, музика и забави под маски, а традиционалното одбележување на карневалските случувања заврши на „Чист понеделник“, со заедничка посна трпеза на учесниците, во организација на „Прилепските мечкари“, во манастирот „Св. Ѓоргија“ во Присад – со што беше најавен Велигденскиот пост и продолжувањето на вековната традиција на проштавање, радост и заедништво.

