Потврдени заложбите за збратимување на општините Прилеп и Ново Сараево

Градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски денеска во својот кабинет оствари средба со поранешната амбасадорка на Босна и Херцеговина, Лепа Бабиќ, на којашто двајцата соговорници ги потврдија личните заложби за збратимување и продлабочување на економската, трговската, културната и туристичка соработка меѓу општините Прилеп и Ново Сараево.

Лепа Бабиќ, која во моментот ја извршува функцијата министер – советник во амбасадата на Босна и Херцеговина во нашата држава, го информираше градоначалникот Јованоски за иницијативата и намерата за актуелизирање на македонско – босанско – херцеговскиот деловен клуб, со цел продлабочување на економската и трговска соработка помеѓу компаниите од двете земји.

Градоначалникот Јованоски, на министер – советничката Бабиќ и’ ги изложи можностите и економските капацитети и ресурси, со кои располага општина Прилеп.

Во идниот период, ќе бидат одржани повеќе средби со претставниците на Стопанската комора на Македонија, на која ќе се афирмираат заложбите за засилена бизнис соработка помеѓу македонските и босанско – херцеговските стопански субјекти.