На вчерашната редовна седница на управниот одбор на Стопанската комора Македонија-Турција беше потпишан Меморандум за институционална соработка помеѓу Општина Прилеп, Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион (ЦРППР) и Стопанска комора на Македонија – Турција – МАТТО.
Предмет на овој меморандум за соработка е регулирање на односите помеѓу договорните страни, Општина Прилеп, Центарот за развој на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион (ЦРППР) и Стопанска комора на Македонија – Турција МАТТО, со цел остварување соработка, размена на искуства, информации, во насока на унапредување на бизнис климата на локално, регионално, национално и меѓународно ниво.
Градоначалникот Борче Јовчески се обрати пред присутните и истакна дека:
„Општина Прилеп е значаен занаетчиски, образовен, земјоделски, туристички и индустриски центар, кој нуди големи можности за инвестирање. Регионот има многу мали и средни претпријатија од текстилната струка и од земјоделско-прехранбениот и туристичкиот сектор, а неговиот стопански капацитет го надополнуваат и неколку технолошко-индустриски развојни зони, каде својот бизнис го обавуваат повеќе странски инвеститори, кои одлучиле тука да инвестираат поради ослободителните можности кои ги нудат слободните економски зони во Макеоднија, како што се долгорочен закуп на земјиштето, ослободување од даночни и комунални такси кон локалната општина, ослободување од плаќање на корпоративен и персонален данок на доход итн…
Нашата цел, како локална самоуправа, е да создадеме добра клима за новите странски инвестиции, но и да промовираме, и да го поттикнеме потенцијалот на локалните, домашни компании и нивните производи, земојделски или индустриски, да бидат дел од странските пазари. Затоа, соработка со Стопанската комора на Македонија-Турција, и тоа како ќе биде добредојдена за унапредување и соработка на компаниите од двете држави.
Општината има воспоставена пракса на партиципативно буџетирање што служи за пример и има релативно високо извршување на буџетските приходи (83 %) и расходите (80 %), според националните стандарди. Општина Прилеп е особено горда на високата стапка на наплата на данокот на имот (помеѓу 93 % и 102 % од планираните износи). Благодетот на географската положба е тоа што располагаме со многу природни ресурси на својата територија, за чија експлоатација преку концесија се наплаќаат значителни надоместоци во општинскиот буџет.
Локалната самоуправа на Општина Прилеп, им нуди локациска, транспортна и логистичка предност на потенцијалните инвеститори, што е услов за креирање, проширување и зајакнување на бизнисот. Добредојден е секој еден кој сака да инвестира и помага во нашиот развој!
Со склучувањето на денешниот Меморандумот за соработка помеѓу Општина Прилеп и Стопанската комора на Македонија-Турција (МАТТО) , како и со Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион, верувам дека ќе се создаде уште поголема можност за инвестирање и унапредување на бизнис климата во нашиот регион.“