Почна школската година во музичкото училиште „Ордан Михајлоски-Оцка“

За учениците од Општинското основно музичко училиште „Ордан Михајлоски-Оцка“, денеска беше првиот училиштен ден. По тој повод, градоначалникот Илија Јованоски присуствуваше на симболичното одбележување на новата школска година, кое со музичка програма се одржа во просториите на училиштето.

На сите 360 ученици, колку што посетуваат настава во музичкото училиште, градоначалникот Јованоски им посака успешен почеток на новата школска година, а на нивните родители трпеливост, затоа што, како што рече, тоа во уметноста е неопходно.

„Почитувани наставници и родители, драги дечиња кои пораснавте и дојде времето да станете првачиња, сакам да ви посакам успешен почеток на школската година и истата да заврши со максимална оцена за сите вас. Нас како општествени работници ни е должност, а воедно е мој императив, да направиме што подобри услови, како во училиштето така и со нагледните средства, во смисла на подобрување на квалитетот на музичките инструменти и на нивниот број, со цел успешно да биде завршена и оваа и идните години“, изјави градоначалникот Јованоски.

Директорката на Општинското основно училиште „Ордан Михајлоски-Оцка“ од Прилеп, Славица Конеска-Темелкоска, рече дека година во училиштето се запишале 60 првачиња, а интересот за запишување бил огромен.

„Запишани се 60 првачиња вкупно, инаку во училиштето имаме 360 ученици, распоредени во 30 паралелки и 10 класи. Голем е интересот за запишување во нашето училиште, за жал ние некогаш мора и да одбиваме. Во Прилеп има многу музикални деца, се надеваме дека понатаму ќе се работи на капацитетите за отворање на нови класи. Колективот е прекрасен, млади и амбициозни луѓе кои што работат со голем елан, со желба и волја и сето тоа придонесува родителите да сакаат нивните деца да се запишуваат во училиштето“, истакна директорката Славица Конеска-Темелкоска.