Педесетина натпреварувачи од 13 земји учествуваат на суперфиналето на Европскиот куп во парагладинг

Денеска и утре Прилеп ќе биде домаќин на натпреварувачите во суперфиналето од Европскиот куп во параглајдинг за 2019 година, што е воедно и последниот од шесте натпревари кои се одржуваат во текот на една натпреварувачка сезона.

На суперфиналето учество ќе земат педесетина натпреварувачи од 13 земји: Русија, Латвија, Словенија, Србија, Романија, Косово, Албанија, Бугарија, Кипар, Чешка, Велика Британија, Холандија и Македонија.

На учесниците во суперфиналето добредојде во Прилеп и успешно натпреварување им посака градоначалникот Илија Јованоски, кој истакна дека резултатите кои ги постигнуваат прилепските параглајдеристи придонесоа Прилеп да заземе важно место на европската и светската мапа, кога е во прашање параглајдингот.

„Како град се гордееме со постигнатите резултати на нашите клубови и параглајдеристи, бидејќи неколкумина од нив се наоѓаат во самиот врв на светската ранг листа. На сите вас ви посакувам пријатен престој во нашиот град, убави временски услови за натпревар, пријатен лет и безбедно слетување на целта“, истакна градоначалникот Јованоски.

Дека станува збор за исклучително квалитетно натпреварување, покажува и податокот дека меѓу учесниците се наоѓаат и светскиот и европскиот првак во прецизно слетување, како и словенечкиот пилот Антон Свољшак, кој се’ уште го држи рекордот со 4 последователни резултати „нула“.

Натпреварот ќе започне од полетувалиштето на „Мечкин камен“ кај Крушево, досека слетувањето ќе биде во близина на с.Алданци. Суперфиналето на Европскиот куп во параглајдинг се одржува во организација на клубот за екстремни спортови Sky ryders, а под покровителство на Општина Прилеп.