Парична казна за ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“ заради незаконското работење на претходниот директор

Заради неправилното и незаконско работење на поранешниот директор Никола
Кузески, ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“ е казнето со глоба во висина од 750 евра.
„Државниот инспекторат за труд констатираше дека работникот Т.Ч. кој претходно
вршеше функција директор на Центарот за култура „Марко Цепенков“, после
завршувањето на функцијата бил вратен во училиштето и вработен на местото –
библиотекар. Меѓутоа, во М1/М2 образецот во Агенција за вработување, пријавен
бил како наставник по ликовно образование. Исто така, работникот Т.Ч. бил должен
да се врати на старото работно место во рок од 15 дена по завршување на
функцијата директор. Тој не го испочитувал рокот утврден со закон, туку се вратил
после 23 денови. За овие неправилности во работењето на претходниот директор
Никола Кузески, на 08.03.2017 година добивме прекршочен налог, со кој на
училиштето му е наложено да плати глоба во износ од 750 евра во денарска
противвредност“, истакна на денешната прес конференција Кети Стевананџија, вд
директорка на ООУ„ Кире Гаврилоски – Јане“.

Но, како што рече вд директорката Стевананџија, тоа не е единствената
незаконитост во работењето на претходниот директор, кој за секретар вработил
лице коешто не ги исполнувало условите предвидени во Законот за работни
односи.

Имено, со Одлука од 22.05.2017 година, на работникот И.Н, дипломиран филолог по
италијански јазик и книжевност кој во училиштето работел две години со договор за
вработување на определено време на работното место – библиотекар, претходниот
директор Кузески му го трансформирал работниот однос на неопределено време, и
тоа на работно место – секретар. Со тоа, претходниот директор постапил спротивно
на чл.46 ст.4 од Законот за работни односи и донел Одлука за трансформација на
работен однос, без да бидат исполнети условите пропишани со овој Закон.

„После извршениот инспекциски надзор, Државниот инспектор за труд донесе
Решение со кое на работодавачот ООУ „ Кире Гаврилоски – Јане “, му наредува да
ја поништи Одлуката за трансформација на работниот однос и да донесе Решение
за отказ на договорот за вработување на неопределено време на работникот И.Н.
Како вршител на должност директор на ООУ „Кире Гаврилоски – Јане“, јас постапив
по Решението и наредбата на инспекторатот. Исто така, донесов и Решение со кое
на работникот И.Н. му го откажав договорот за вработување, кој како што претходно
истакнав, беше заснован спротивно на чл.46 ст.4 од Законот за работни односи“,
изјави вд директорката Кети Стевананџија.