Општинскиот буџет во неликвидна состојба, но нема да има застој во реализација на планираните проекти

Со едногласна одлука, членовите на општинскиот Совет на денешната седница ја
изгласаа Годишната сметка на ЕЛС Општина Прилеп. Советниците расправаа и
за Годишниот извештај на Општина Прилеп за 2017 година, кој беше усвоен со 16
гласови ‘за’ и 11 воздржани.

На седницата присуствуваше и градоначалникот Илија Јованоски, кој во своето
излагање посочи дека буџетот се наоѓа во инсолвентна, односно неликвидна
состојба. Градоначалникот рече дека и покрај големите износи на средства од 54
милиони денари, кои минатата година во вид на субвенции биле трансферирани
на сметките на ЈКП „Комуналец“, ЈП за ПУП и ЈКП „Пазари“, овие јавни
претпријатија се наоѓаат во исклучително тешка финансиска состојба.

Градоначалникот Јованоски потенцираше дека заклучно со 31.12.2017 година,
Општината има вкупни побарувања од 213,3 милиони денари по основ на
неплатен данок на имот од правни и физички лица, фирмарина и разни комунални
такси, кои се застарени и ненаплатливи.

„Најголем дел од побарувањата по основ на фирмарина, во износ од 123,1 милион
денари, е фиктивен и без можност за наплата, што е констатирано и од страна на
Државниот завод за ревизија, во Конечниот ревизорски извештај за 2015 година, а
се однесува за износ од 85,3 милиони денари. Сомнителни и спорни се
побарувањата од данок на имот во износ од 16,8 милиони денари, а ненаплатливи
се побарувањата по основ на комунална такса за користење на простор пред
деловна просторија, во износ од 1,9 милиони денари“, истакна градоначалникот
Јованоски.

Во своето обраќање пред советниците, Јованоски го посочи и вкупните обврски
кон добавувачите, кои за минатата година изнесуваат 65,8 милиони денари.

„Кога кон ова ќе се додадат и долгорочните обврски на буџетот во износ од 61,8
милиони денари, сликата за финансиската состојба на Општината станува
појасна. Според книговодствената евиденција, обврските кон добавувачите на
основниот буџет изнесуваат 34,8 милиони денари, а слободни парични средства
на буџетот се 8,4 милиони денари. Превземените обврски по договори за јавни
набавки со состојба на 26 октомври 2017 година изнесуваат 96,8 милиони денари.
Однесувајќи се одговорно кон вака наследената состојба кон доверителите, а се’
со цел да се избегне блокада на сметката на буџетот, приоритет до крајот на
буџетската 2017 им дадовме на исплата на тековните обврски, така што во
периодот ноември – декември успеавме да исплатиме долг од 31.3 милиони
денари“, посочи градоначалникот Јованоски.

И покрај ваквата финансиска состојба, градоначалникот на Прилеп потенцираше
дека нема да има застој во реализацијата на приоритетните проекти кои се од
значење за граѓаните. Тоа, како што истакна Јованоски, ќе биде постигнато со
кратење на непродуктивните трошоци за репрезентација, кратење на трошоците
за саморекламирање во електронските и печатените медиуми, што беше
својствено за претходната власт, заштеда на трошоците за гориво, комунални и
договорни услуги, како и други трошоци кои не се од витално значење за
нормално фунционирање на Општината.

Вториот сет на мерки, како што изјави градоначалникот, ќе бидат реализирани
преку максимално ангажирање на општинската администрација, во насока на
реализација на приходите од надоместок за уредување и продажба на градежно
земјиште, но и од подобрување на наплатата на активните побарувања.

„Ме радува фактот што градоначалникот Јованоски ја покажа важноста на
Советот на Општина Прилеп, како орган кој што ги носи одлуките во интерес на
граѓаните и што даде достојна почит како треба еден градоначалник да се
однесува кон оние лица што ги имаат избрано граѓаните на Општина Прилеп.
Советот донесе одлука за отпочнување со работа на нова градинка во Прилеп,
таа е во просториите на ОУ „Рампо Левката“. Тоа го вети и градоначалникот во
неговата изборна програма, бидејќи знаете дека имаме проблем со сместувачките
капацитети за деца. Донесовме и други одлуки за завршни сметки на комуналните
претпријатија, како и новиот детален урбанистички план за дел од населбата
„Старо Корзо“, посочи Миле Талевски, претседател на Совет на Општина Прилеп.

На денешната седница советниците ја изгласаа и одлуката за почнување со
работа на ЈОУ детска градинка „Наша иднина“-Прилеп во новиот објект „Рампо
Левката“, како и одлуката за давање на користење, одржување и управување на
oбјектот „Рампо Левката” на ЈОУ детска градинка „Наша иднина“, а беа изгласани
и сите останатите точки кои се најдоа на денешната 11-та по ред седница на
општинскиот Совет.