Во рамките на Европската недела на мобилност, под мотото „Мобилност за сите“, Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (ОСБСП) – Прилеп, во соработка со „Авто Контрол“ – Прилеп, учениците од сообраќајната струка при СОУ „Ристе Ристески – Ричко“ и униформираните полициски службеници, успешно спроведе активност по повод 22 Септември – Денот без автомобили.
Преку оваа заедничка активност, беше упатена порака до граѓаните дека одлуката за почиста, поздрава и побезбедна животна средина почнува од секој од нас, од нашите секојдневни навики и изборот на начинот на кој се движиме низ градот.
Учесниците во активноста делеа едукативни флаери со пораки за поголема мобилност и поттикнување на користењето алтернативни, еколошки и здрави начини на транспорт. Посебен акцент беше ставен на пешачењето и возењето велосипед до работното место, како и на значењето на јавниот превоз.
Граѓаните кои се одлучија да го остават автомобилот дома и да пешачат или да користат велосипед, со својот пример покажаа дека и малите промени во секојдневието можат да придонесат за подобар и поуреден град.
Денот без автомобили е потсетник дека заедничката одговорност и личниот пример се важни чекори кон:
-намалување на загадувањето на воздухот и сообраќајниот метеж;
-поттикнување здрави животни навики и поголема физичка активност;
-унапредување на сообраќајната култура и меѓусебното почитување;
-создавање побезбедни, почисти и подостапни јавни простори за сите граѓани.
Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата Прилеп упатува благодарност до до сите граѓани кои се вклучија во активноста, за нивниот придонес во одбележувањето на Денот без автомобили и поддршката на иницијативата за одржлива мобилност.
Пораката „Одлуката почнува од нас“ не важи само на 22 септември. Таа е повик секојдневно да избираме одговорно, да ги почитуваме сите учесници во сообраќајот и да придонесуваме за град во кој мобилноста е безбедна, достапна и прифатлива за сите.
ОДЛУКАТА ПОЧНУВА ОД НАС – СЕКОЈ ЧЕКОР Е ВАЖЕН!
ЗАЕДНО ЗА ПОЧИСТ ПРИЛЕП, ПОБЕЗБЕДНИ УЛИЦИ И ПОЗДРАВА ИДНИНА!

