Градоначалникот на Општина Прилеп оствари средба со Н.Е. Питер Трасвел, амбасадор на Австралија во Република Србија, со акредитација за Република Македонија, со почесниот конзул и претставници на Амбасадата на Австралија.
На средбата беше разговарано за досегашната соработка меѓу Прилеп и Австралија, но и за можностите за нејзино понатамошно продлабочување преку нови партнерства, размена на искуства и конкретни проекти.
Соработката има своја традиција уште од 2008 година, кога Општина Прилеп воспостави формална соработка со тогашниот Town of Vincent – Perth, Western Australia, денес City of Vincent. Ова искуство претставува добра основа за отворање нови форми на соработка со австралиските локални институции, организации и бизнис-секторот.
Посебен акцент беше ставен на можностите за економска соработка и привлекување потенцијални австралиски инвестиции. На амбасадорот Трасвел, градоначалникот Дејан Проданоски му ги презентираше економските потенцијали на Прилеп, можностите за инвестирање и поволната деловна средина, со посебен осврт на природните богатства и суровините со кои располага прилепскиот регион, но и на други перспективни сектори.
Прилеп има потенцијал за развој на нови партнерства во повеќе области – од економијата и инвестициите, преку туризмот и природните ресурси, до културата и размената на искуства со австралиските институции.
На средбата беа разгледани и можностите што ги нуди Direct Aid Program на Амбасадата на Австралија, преку кој се поддржуваат локално иницирани проекти на граѓански организации и други субјекти од граѓанскиот сектор. Во овој контекст беа издвоени областите поврзани со зелената транзиција, заштитата на животната средина, учеството на граѓаните, како и развојот на знаењата и можностите за жените и младите во зелената економија.
Општина Прилеп останува отворена за воспоставување нови меѓународни партнерства и за создавање услови за конкретна соработка која ќе донесе нови можности за локалниот економски развој.
Средбата со амбасадорот Трасвел е важен чекор кон понатамошно унапредување на односите со Австралија и отворање нови можности за соработка, инвестиции и размена на искуства.

