Општина Прилеп со пет милиони денари ќе ги финансира спортските клубови, а со 2.5 милиона денари активностите на другите здруженија

Денеска се одржа петтиот по ред Граѓански парламент, на кој што
градоначалникот Илија Јованоски ги информираше присутните претставници на
граѓанските здруженија за пристигнатите апликации за финансирање на проекти,
на јавниот оглас што го распиша Општина Прилеп.

„Пристигнати се 136 апликации од 129 граѓански здруженија. Ги информирав
претставниците на невладините организации, спортските клубови и другите
здруженија, за начинот и критериумите според кои ќе им бидат поделени средства
од општинскиот буџет. Ова е исполнување на ветувањето дека средствата ќе
бидат доделени транспарентно. За ова е задолжена Комисијата за финансирање
и буџет и членовите тоа ќе го направат наредниве неколку денови. Општина
Прилеп ќе издвои 5 милиони денари за спортските клубови и 2,5 милиона денари
за невладините организации и останатите здруженија. Вкупната сума која ќе биде
доделена, е иста како и минатогодишната“, изјави градоначалникот Јованоски.

Тој потенцираше дека висината на побарувањата на граѓанските организации
согласно со поднесените апликации, била околу 32 милиони денари, што е
неколку пати над предвидената сума. Според градоначалникот постои опција, со
ребалансот на буџетот да бидат издвоени дополнителни средства за финансиска
поддршка на уште неколку апликации за кои ќе се оцени дека имаат општествена
оправданост и јавен интерес.

Истовремено, градоначалникот Јованоски издвои дел од реализираните
активности на Општина Прилеп, кои граѓанските организации ги побарале на
претходните средби со Граѓанскиот парламенти. Тука спаѓа регулирањето на
сопственоста на објектот, каде што ќе биде сместен дневниот „Центар за деца со
церебрална парализа“. Како што рече градоначалникот Јованоски, објавен е
тендер за негова реконструкција и доколку работите се движат според
планираната динамика, центарот ќе профункционира до крајот на јуни.

„Наскоро ќе биде реализиран и проектот за отворање детска градинка во ООУ
’Рампо Левката’, каде ќе бидат згрижени нови 75 дечиња. Го зголемивме
просторот што го користи невладината организација „Порака“. Во тек се
градежните активности за инфраструктурно уредување на населбата ‘Три
багреми’, а со одредени финансиски средства ќе им биде излезено пресрет на
барањата на фудбалскиот клуб ‘Победа’ и ракометниот клуб ‘Прилеп’, истакна
градоначалникот Јованоски.

На денешниот Граѓански парламент, присутните граѓани упатија повеќе прашања
до градоначалникот Јованоски, за теми и проблеми од секојдневното живеење.