ОПШТИНА ПРИЛЕП СЕ ПРИКЛУЧИ КОН ЕВРОПСКАТА НЕДЕЛА НА МОБИЛНОСТ 2025

Општина Прилеп и оваа година по шести пат, активно се приклучува кон Европската недела на мобилност (16 – 22 септември 2025 година), водечката кампања на Европската комисија за подигање на свеста за одржлива урбана мобилност. Кампањата има за цел да поттикне промена во однесувањето во корист на активна мобилност, јавен превоз и други чисти, интелигентни транспортни решенија.
За таа цел е креирана богата еднонеделна програма со активности во кои ќе бидат вклучени граѓаните на Општина Прилеп, здруженија на граѓани, спортски клубови и сојузи, јавни претпријатија и бројни институции од градот.
Денес во Општина Прилеп се одржа прес конференција на која беше презентирана програмата. На присутните им се обратија градоначалникот Борче Јовчески, раководителката на Одделението за локален економски развој Винета Иваноска и координаторот на настанот за Европската недела на мобилност во Општина Прилеп, Гоце Бојкоски.
Тие ги најавија предвидените активности и упатија покана до сите прилепчани да земат активно учество во нив. Изразија благодарност и до сите гости и претставници на институции, здруженија и клубови кои присуствуваа на денешната прес конференција.

Програма на активности:
-17 септември (среда): Критична маса – групно возење велосипеди низ улиците на Прилеп и вечерна проекција на филм во рамки на проектот „Педали и приказни“.
-18 септември (четврток): Бесплатен градски превоз во текот на целиот ден и делење на едукативни флаери од учениците при СОУ „Ристе Ристески Ричко“.
-19 септември (петок): Запирање на сообраќајот на бул. „Гоце Делчев“ и ноќна трка на 5 км низ градот, во организација на Ориентациониот клуб „Златоврв“.
-20 септември (сабота): Заеднички активности на сообраќајното одделение при СОУ „Ристе Ристески Ричко“ и МВР – Прилеп со делење флаери и разговори со возачи.
-21 септември (недела): „Сите на велосипед 2025“ – групно возење од центарот на Прилеп до аеродромот во Коњари и назад, во организација на ВК & сервис „Илинден“.
-22 септември (понеделник): Ден без автомобили – затворање на централната градска сообраќајница од 07.00 до 15.00 часот и низа спортско-рекреативни и едукативни активности за ученици, градинки, НВО и спортски клубови.
Општина Прилеп ги поканува сите граѓани да бидат дел од овие настани, со кои заедно го промовираме здравиот начин на живот, еколошки чистиот превоз и одржливата иднина на нашиот град.