Општина Прилеп, МОК и Пинг-понг Федерацијата го слават Меѓународниот ден на спортот во Прилеп

Македонскиот Олимписки комитет (МОК),Пинг-понг Федерација на Македонија (ППФМ) во соработка со пингпонгарскиот клуб „Младост 96“ денеска во Прилеп, на плоштадот „Методија Андонов Ченто” организираа пингпонгарски евент по повод Светскиот ден на спортот . Присуствуваа многу пингпонгари, деца, младинци, љубители и почитувачи на овој спорт. Градоначалникот Илија Јованоски им го честиташе Светскиот
ден на сите спортисти, акцентирајќи ја поддршката на Општина Прилеп.

„Сакам на сите спортисти да им го честитам Светскиот ден на спортот, да им
посакам во своите клубови да носат многу трофеи од државни и од меѓународни натпревари. На пингпонгарите во Прилеп сакам да им честитам и да им посакам многу успех, бидејќи ги има од сите генерации. Ние како локална самоуправа и јас како
градоначалник и понатаму ќе бидеме нивна поддршка. Спортот и физичката активност се тренд во модерниот свет, затоа упатувам апел до сите млади да се дружат и да спортуваат“, посочи градоначалникот Јованоски.

На настанот присуствуваше и претседателот на МОК, Васил Тупурковски и членови на Федерацијата.

„Ги поздравувам учесниците на овој прекрасен спортски настан денеска во
Прилеп. Ова е заслужено, бидејќи Прилеп е континуирано во центарот на пинг-
понгот во Македонија. Му благодарам на градоначалникот Илија Јованоски за
поддршката на овие мали спортови, која е многу битна за нивниот развој, а ако
се развие спортот ќе се решаваат дури и здравствените проблеми на младите
и децата во Македонија. Го поздравувам овој значаен спортски настан, бидејќи
е дел од олимпиското семејство што слави денеска“, рече Тупурковски.

Според потпретседателот на Федерацијата, Златко Рикалоски овој е уште еден убав начин за одбележување на денот на спортот. Како што рече не случајно е избран Прилеп,зашто е центар на пинг – понгот во Р. Македонија.

„Од Прилеп се излезени голем број познати имиња во пинг– понгот, коишто со успех настапувале во своите клубови, го претставувале градот и нашата земја. Светската пингпонгарска организација е промотор, а оваа година, денешниот настан се одбележува точно во 89 земји“, истакна Рикалоски.

Инаку,Генералното Собрание на Обединетите Нации на 23 август 2013 година, усвои
Резолуција со која 6 април се прогласува за Меѓународен ден на спортот за
развој и мир. По тој повод, целото олимписко и спортско семејство, но и сите
држави во светот, на овој ден организираат спортски, културни и уметнички манифестации.