Општина Прилеп и Друштвото за наука и уметност потпишаа меморандум за соработка

Во име на Општина Прилеп и Друштвото за наука и уметност (ДНУ) – Прилеп,
денеска градоначалникот Илија Јованоски и претседателката на ДНУ, Силвана
Пашовска потпишаа меморандум за соработка.

еморандумот, како што истакна градоначалникот Јованоски, значи
официјализирање на досегашната и отворање нови перспективи за
продлабочување и интензивирзање на понатамошната соработка.

„Денеска имавме чест, но и задоволство да го склучиме меморандумот за
соработка меѓу Општина Прилеп и Друштвото за наука и уметност од нашиот град.
Соработката траеше и досега, а со потпишаниот меморандум ќе го подигнеме
нивото во повеќе области, затоа што таму членуваат луѓе од областа на уметноста,
науката, економијата кои ќе придонесат за развој на нашиот град. Сигурен сум дека
задоволството е обострано, дека ДНУ ќе продолжи успешно да функционира и дека
сите проекти кои ги имаме планирано како Општина, заедно со проектите кои ги
предлага ДНУ, во иднина ќе се реализираат“, изјави градоначалникот Јованоски.

Силвана Пашовска, претседателка на ДНУ – Прилеп, истакна дека постојат
различни форми на изразување на научната мисла и истражување, како што се
трибините, дебатите, тркалезните маси, како и објавувањето голем број изданија, а
Друштвото е и промотор на голем број книги.

„Имаме една богата библиотека од над 3.000 изданија и богата геолошка збирка на
руди, кои што ги има на територијата на општина Прилеп. ДНУ издава и Зборник на
трудови, место каде младите магистри и доктори на науки да можат да ги издаваат
своите научни и стручни трудови. На наше големо задоволство, денеска е
официјализирана соработката со Општината. Соработката постоеше и во минатото,
продолжуваме и понатаму. Благодарност до градоначалникот за денешното
потпишување на меморандумот, се надеваме и посакуваме во интерес на сите,
соработката да продолжи и понатаму“, нагласи Пашовска.

Друштвото за наука и уметност од Прилеп е основано во 1971 година и тоа е едно
од двете Друштва кои функционираат во нашата држава. ДНУ – Прилеп брои преку
200 членови и тоа е место каде се здружуваат научните работници, каде се даваат
предлози, идеи, мислења и советувања. ДНУ – Прилеп, со децении дава придонес
во развојот на стопанството, економијата, науката и културата.