Општина Прилеп го одбележа Денот на ослободувањето – 3 ноември

Општина Прилеп го одбележа Денот на ослободувањето – 3 ноември, еден од најзначајните датуми во историјата на нашиот град и нашата држава. Овој ден останува симбол на слободата, достоинството и непокорот на прилепчани и потсетник на жртвата и храброста на генерациите кои се изборија за слободен Прилеп и слободна Македонија.
Свечената седница на Советот на Општина Прилеп, одржана во големата сала на НУЦК „Марко Цепенков“ беше централниот настан на годинешната манифестација.
Свеченоста симболично ја отвори претседателката на Советот на Општина Прилеп, д-р Билјана Кржеска, која им го честиташе празникот на сите присутни и истакна дека 3 Ноември е ден на благодарност кон минатото и силна обврска за создавање подобра иднина за сите генерации.
Во рамки на седницата, беа доделени општинските награди „3 Ноември“ на истакнати личности, институции и организации кои со својот труд и постигнувања ги продолжуваат вредностите на нашите херои и го унапредуваат развојот на Прилеп.
Добитници на награди „3 Ноември“
Награда за животно дело
• Рубенс Корубин – основоположник на нео-романтизмот во светски рамки
• Јове Магдески (постхумно) – особен придонес за фудбалот во Прилеп

Награди – плакети
• Микросам Прилеп – 35 години постоење
• Народен театар „Војдан Чернодрински“ – 75 години постоење
• НВО „Hand Till Hand“ – Кралство Шведска – хуманитарна и општествена дејност во областа на здравствената заштита
• Интеракт клуб при Гимназија „Мирче Ацев“ – младински ентузијазам и хуманост
• Извиднички одред „Феникс“ – 10 години постоење
Награди – дипломи
• Елизабета Митреска – придонес во новинарството
• Петре Кироваков – поет и активист за афирмација на Македонците од Егејскиот дел на Македонија
• Д-р Љубица Консулова Јерека – научни публикации во областа на земјоделството, агроекологијата и тутунопроизводството
• Владимир Горбичевски – репрезентативец на Македонија во билијард

 

Во своето обраќање, градоначалникот истакна дека 3 Ноември не е само историски датум, туку живо сведоштво и потсетник дека слободата не е даденост, туку трајна обврска. Тој упати благодарност до борците на 41-та и 42-та дивизија, партизаните, илегалците и сите граѓани кои го создадоа и го изградија нашиот град по ослободувањето.
Градоначалникот истакна дека денес најголемиот предизвик не е надворешен непријател, туку иселувањето на младите и потребата да се создадат услови тие да ја градат својата иднина тука.
Затоа Локалната самоуправа на Општина Прилеп активно ќе работи на стратешки развојни проекти, меѓу кои:
-развојот на индустриските зони „Прилеп 4“ и „Прилеп 5“
-решавање на проблемот со Градската река
-изградба на нова детска градинка во населбата „Рид“
-нови зелени површини и паркови
-модерна инфраструктура и подобрено поврзување на градот

Општина Прилеп останува силно посветена на зачувување на историското наследство и на градење современ, достоинствен и развиен град за идните генерации.
Честит 3 Ноември – Денот на ослободувањето на Прилеп!
Вечна слава на хероите.