Членовите на Советот на Општина Прилеп денеска ја одржаа 15-тата редовна седница, на која расправаа по 35 точки од дневниот ред. Покрај Одлуката за давање согласност на Годишниот план за вработување во 2023 година на ЈКП ,,Пазари“-Прилеп советниците го одобрија и планот за вработувањеза 2023 година на основното училиште “Кирил и Методиј во Канатларци.
На денешната седница беше дадена согласнот и на Одлуката за корекција на бројот на возења со електронски возни картички во јавниот градски превоз, на Одлуката за усвојување на Ценовник за слободен и посебен линиски превоз на патници и на Одлуката за утврдување на ценовник на услуги за школски превоз на ученици и наставници на ЈП за ПУП Прилеп.
Советниците ги усвоија Одлуките за давање на согласнот на годишниот извештај и програмата за работа на средните училишта и детските градинки „Наша иднина“ како и решението за разрешување и именување членови во Управниот одбор на ЈОУДГ ,,Наша иднина’’.
Со мнозинство гласови беа донесени и измени и дополнувања на годишна Програма за финансирање на изработка на урбанистички планови на територијата на Општина Прилеп, за 2022 година, Одлука за определување на ширина на крајбрежен појас во водотеците во плански опфат на УПС Чепигово, КО Чепигово Општина Прилеп како и Одлуките за утврдување услови за донесување на урбанистичко планска документација со кои ќе се изврши проширување на планскиот опфат и вклопување на бесправен објект на барање на физички лица.
Дневниот ред на седницата беше проширен за уште 9 точки кои ги одобрија советниците а се однесуваа на утврдување на надоместокот и начинот на плаќање за комунални услуги во рамките на регистрираните дејности на ЈКП Комуналец, утврдување на цената за водоснабдување, собирање и одведување на урбани отпадни води и прочистување на истите на ЈКП Водовод и канализација.
Советниците ги усвоија и Одлука за давање на стопанисување на јавното осветлување на територијата на Општина Прилеп како и Решението за разрешување и именување на член во УО на ЈП за ПУП Прилеп.
Исто така пред почетокот на оваа седница се одржа презентација во склоп на проектот „Зајакнување на општинските совети – Фаза 2“.
Во прилог детали од презентацијата:
Општина Прилеп е една од десетте општини кои се избрани за учество во имплементација на проектните активности на програмата „Зајакнување на општинските совети – Фаза 2“ во периодот 2022 – 2023 година.
Од страна на претставници на УНДП, oвој проект денеска беше презентиран пред прилепските советници кои ќе бидат дел од директните корисници на истиот. На презентацијата беше истакната главната цел на проектот, која се однесува на поддршка на развојот на локалните самоуправи, првенствено преку зајакнување на општинските совети, со цел да бидат во можност ефективно да ги исполнат нивните доделени улоги на претставување, надзор и донесување одлуки преку активно вклучување на граѓаните.
Понатаму, проектот цели и кон унапредување на системот на локална самоуправа, децентрализација и подобрување на условите за живот во локалните заедници, преку подобрување на развојните политики и правната рамка за локален развој и децентрализација. Предвидени се активности за дигитализација на општинските услуги, зголемување на транспарентноста и учеството на граѓаните во донесување одлуки на локално ниво преку организриање Форуми на заедниците, како и борба против корупцијата
Дополнително, Општина Прилеп ќе има можност да искористи грант за реализација на проект кој ќе биде избран низ директна консултација со граѓаните. Проектите финансирани преку програмата ќе имаат за цел да ги подобрат социјалните услуги за најранливите категории граѓани, при тоа подеднакво решавајќи ги нивните потреби без разлика на родовата, етничката или која било друга припадност.
Програмата „Зајакнување на општинските совети – фаза 2“ ја финансираат Швајцарската влада и Министерството за локална самоуправа, а ја кофинансира и спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со национални и локални партнери.