ОДБЕЛЕЖАН ДЕНОТ НА СЕЌАВАЊАТА ВО ЧЕСТ НА ПАДНАТИТЕ РУСКИ ВОЈНИЦИ ВО ПРВАТА СВЕТСКА ВОЈНА

По повод Денот на сеќавањата, 1 ви Август, на Рускиот крст во Германските гробишта денеска беа положени цвеќиња, а претставници на Македонската православна црква одржаа панихида.

Пред спомен-плочата на загинатите руски војници, свежо цвеќе положија делегации од руската амбасада и Општина Прилеп, предводени од амбасадорот Сергеј Баздникин и градоначалникот Илија Јованоски, како и претставници на Советот на општината и
Здружението за руско-македонско пријателство.

Пред присутните се обрати рускиот амбасадор Сергеј Баздникин кој истакна дека трагедиите од дваесеттиот век не само Првата, туку и Втората светска војна ја обврзуваат сегашната генерација да се извлечат поуките од нив. Русија, научена од горчливото искуство на овие страшни шокови, цврсто бранејќи го својот суверенитет и националните интереси, континуирано се стреми кон соработка со другите држави која се темели на рамноправност и заемно почитување, разбирање на меѓусебните интереси,немешање во внатрешните работи.

Убедени сме, додаде амбасадорот Баздникин, дека одговорите на современите глобални предизвици и закани треба да се бараат врз основа на маѓународното право, принципот на неделивост на безбедноста, под услов да се откаже од политиката на конфронтацијата.

Традиционалната церемонија се одржува во пресрет на 1 август, кој во Русија се одбележува како Ден на сеќавање на руските војници загинати во Првата светска војна. “Рускиот крст“ како спомен обележје, во кругот на Меморијалниот центар – германски гробишта во Прилеп, е поставен во 2014-та година, во рамките на чествувањата – 100 години од крајот на Првата светска војна.