НОВА ОПРЕМА ЗА УНАПРЕДУВАЊЕ НА СИСТЕМОТ ЗА УПРАВУВАЊЕ СО ОТПАД ВО ОПШТИНА ПРИЛЕП

0

Oпштина Прилеп добива нова опрема за унапредување на системот за управување со отпад, со што значително ќе се подобрат условите за одржување на јавната хигиена и селекцијата на отпадот во градот.

Во рамки на проектот преку Министерството за животна средина и просторно планирање, за прилепските домаќинства се обезбедени 8.318 канти со капацитет од 120 литри за примарна селекција на отпад, како и 126 нови контејнери со капацитет од 1,1 м³, кои ќе бидат поставени во градот и ќе ги заменат дотраените и оштетени садови за отпад.

Проектот предвидува и набавка на вкупно девет специјализирани возила за собирање отпад, од кои три веќе се испорачани, а останатите ќе пристигнуваат во наредниот период. Со ова значително се подобруваат условите за работа на ЈКП „Комуналец“, како и ефикасноста во одржувањето на јавната чистота.

Дополнително, во тек е постапката за набавка и поставување на 48 полуподземни контејнери, инвестиција вредна над 18,6 милиони денари, обезбедена преку Министерството за животна средина и просторно планирање.

Општина Прилеп со години е препознатлива како една од општините што активно работи на селекција на отпадот и заштита на животната средина. Со реализацијата на овие инвестиции дополнително се зајакнуваат капацитетите за современо и ефикасно управување со отпадот, со цел создавање почиста, поздрава и поквалитетна животна средина за сите граѓани.

Општина Прилеп продолжува со реализација на проекти кои придонесуваат за одржлив развој, подобрување на комуналната инфраструктура и создавање на модерен, чист и зелен град.