ИЗГРАДБА НА ВОДОСНАБДИТЕЛЕН СИСТЕМ ВО С. ЛЕНИШТЕ

0

Во селото Лениште беше извршен увид во тековните градежни активности за изградба на нов водоснабдителен систем, во присуство на градоначалникот Дејан Проданоски и заменик-министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска.

Станува збор за значаен инфраструктурен проект со кој трајно ќе се реши долгогодишниот проблем со водоснабдувањето на жителите на ова населено место.

За реализација на проектот, со поддршка од Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање, обезбедени се над 20 милиони денари.

Проектот се реализира во две фази и опфаќа:

-изведба на цевковод од каптажата до нов резервоар со капацитет од 100 м³, во должина од 1.930 метри;
-изведба на главен цевковод од резервоарот до потрошувачите во должина од 2.400 метри, како и секундарна мрежа за куќни приклучоци во должина од околу 640 метри.

Иако село Лениште денес претежно има карактер на викенд-населба, неговата близина до Прилеп и природните потенцијали создаваат можности за понатамошен развој и урбанизација. Со реализацијата на вакви инфраструктурни инвестиции се создаваат услови за подобрување на квалитетот на живот и поттикнување на идниот развој на овој простор.

Општина Прилеп продолжува активно да ја следи динамиката на изведба на проектите, со цел нивна навремена реализација и ставање во функција на граѓаните.

Создавањето квалитетни услови за живот и рамномерен развој на сите населени места останува еден од клучните приоритети на локалната самоуправа.