Научно предавање за загадувањето на животната средина со тешки метали

Во организација на Друштвото за наука и уметност од Прилеп, синоќа во Градската
библиотека „Борка Талески“ се одржа научно предавање, на кое за загадувањето на
животната средина со тешки метали, зборуваше професорот на Природно-
математичкиот факултет во Скопје, Трајче Стафилов.

Присутните ги поздрави градоначалникот Илија Јованоски, кој ја нагласи важноста
на проблематиката за која се говореше на синоќешното предавање.

„Загадувањето на животната средина е еден од поголемите проблеми со кои денес се соочува Република Северна Македонија. Што се однесува до Општина Прилеп, ги преземаме неопходните активности за утврдување на степенот на загаденост на воздухот, на причинителите на загадувањето и работиме на преземање конкретни мерки за решавање на овој проблем. За нас како локална власт, обезбедувањето здрава животна средина, е еден од приоритетите“, истакна градоначалникот Јованоски.

Предавањето го отвори претседателката на ДНУ, Силвана Пашовска која рече дека
темата на научното предавање е актуелна и ги засега не само граѓаните на Прилеп,
туку и многу пошироко.

„Како ДНУ имаме организирано голем број предавања, дебати, дискусии и
советувања на различни теми и од различни области, со цел од научен аспект да
дадеме предлози, идеи и размислувања за решавање на проблемите во средината
во која живееме и пошироко во општеството“, .потенцираше Пашовска.

Во своето излагање професорот Стафилов напомена дека целта на спроведеното
истражување, е да се утврди загадувањето на животната средина во нашата
држава со тешки метали. Тој потенцираше дека, како држава во која е развиена
рударската индустрија а има и одреден број металуршки фабрики, логично е да има
вакво загадување.

„Состојбата со загадување со тешки метали е локализирана само на одредени региони, и тоа онаму каде што има рударски и металуршки активности. Почнаа да се преземаат мерки против загадувањето, но тоа не било правено во минатото, така што најголемиот проблем со загадувањето со тешки метали е од таканареченото ‘историско загадување’ кое настанало во период во кој што отсуствувала свеста и легислативата за загадување на животната средина. Имаме енормни количини на отпад кој содржи тешки метали, кој е депониран без соодветни мерки на отворен простор, отпад изразен во стотици милиони тони“, рече професорот Стафилов.

Како најкритично загадени региони во државата, прфесорот Стафилов ги издвои
Велес и околината, каде загадување настанало од работата на Топилницата за
олово и цинк, како и регионот на Пробиштип, каде што има загадување со
флотациона јаловина, како резултат на 70 годишната работа на рудникот и
флотацијата во Злетово и Пробиштип.