На трансакциските сметки на граѓаните префрлени субвенционираните средства за инвертори и велосипеди

Почитувани,

Сакам да ја известам јавноста дека во текот на вчерашниот ден, ги потпишав
налозите за исплата на средствата за субвенционирање на инвертор клими и
велосипеди.

Тоа значи дека, на сите граѓани кои ги исполнија условите пропишани со Јавниот
повик, средствата им се префрлени на нивните трансакциски сметки.

Согласно јавниот повик, за субвенционирање на дел од трошоците на граѓаните
на подрачјето на Општина Прилеп за купување клима уред-инвертори, поднесени
беа 335 барања, од кои одобрени се 307. Додека, за субвенционирање на набавка
на велосипеди, пристигнаа 315 барања, од кои одобрени беа 305.

Причина за неприфаќање на 28 апликации за клими и 10 за велосипеди, е
неисполнување на критериумите и условите од јавниот повик и Правилникот за
субвенционирање на дел од трошоците за набавка на клима уреди и велосипеди.

Со издвоените 4.500.000 денари од буџетот на општината, директно
придонесовме за заштеда на средства од семејниот буџет на 612 семејства од
нашата општина.

Покрај финансиските придобивки за граѓаните, со издвоените буџетски средства
придонесуваме за поткревање на јавната еколошка свест и совест, како и за
заштита на животната средина во нашата општина.

Што се однесува до примената на мерките за заштита од коронавирусот, сакам да
ги информирам граѓаните на општина Прилеп дека оваа сабота, се отвора
Градскиот пазар. Работното време на пазарот во сабота ќе биде од 7 до 15 часот,
со примена на протоколите за заштита од вирусот КОВИД-19.

Воедно, после продолжениот празничен викенд, односно од вторник 26 мај, се
воведува јавниот градски превоз, при што во функција ќе биде ставена
вонредната неделна линија, со запазување на мерките за заштита од
коронавирусот.

Во врска со денешната состојба со коронавирусот, во нашата општина денеска
имаме двајца оздравени и еден новозаболен. За жал, денеска уште еден наш
сограѓанин, ја загуби борбата со оваа подмолна болест.

На инфективното одделение во Општата болница „Борка Талески“, хоспитализирани се 16 лица, од кои 14 се позитивни на коронавирусот.

Благодарам