Локалниот медиум ТВ „Канал Визија“ промовираше нов имиџ и уредувачка политика врз новинарски начела

После неодамнешната промена на сопственичката структура, синоќа пред
поголем број гости од новинарската фела, градоначалникот на Прилеп,Илија
Јованоски, претставници на политички партии, на граѓанскиот и бизнис секторот и
граѓани на Прилеп, беа промовирани новиот тим, имиџ и активности на ТВ „Канал
Визија“.

Главниот и одговорен уредник на ТВ „Канал Визија“, Петар Димоски, рече дека
навременото, точно, објективно и непристрасно информирање на јавноста, ќе
биде мисијата на новиот уреднички тим и на вработените во единствената
прилепска локална, а наскоро и регионална телевизија.

„Како главен и одговорен уредник, во име на тимот на чие чело сум како прв меѓу
еднаквите, можам да ви ветам дека ќе дадеме сѐ од себе да ја оправдаме и
вратиме довербата во телевизијата, како најгледан медиум во Прилеп.
Благодарение на посветеноста и финансиската логистика на сопственикот, Давор
Настевски, имаме обврска да бидеме сервис на граѓаните во буквална смисла на
зборот. Нашата основна идеја за „Канал Визија“ како градска телевизија, е
понудата на отворен граѓански концепт, во којшто секогаш во фокус ќе биде
гледачот – граѓанинот“, изјави Димоски.

Посакувајќи им успех во работата на новите сопственици и на вработените,
градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски рече дека слободните медиуми и
слободата на говорот се основните постулати и начела за развојот на едно
демократско општество.

„Вистината и објективноста мора да бидат императив на новата „Канал Визија“. Го
охрабрувам новиот уредувачки тим да ја надмине досегашната пракса и да
обезбеди рамноправен простор и услови на сите политички, правни и
општествени субјекти за искажување на нивните ставови. По долгите години
креирање и пласирање дезинформации во етерот и на локално и на централно
ниво, сигурно дека е долг патот за враќање на медиумите на својата основна
функција – креирање на објективна слика на реалноста, а не лажна, розова
реалност за гледачите. Општина Прилеп и јас како градоначалник, ветуваме
транспаретност во нашата работа, што значи отворени врати за сите медиуми, на
сите теми кои што се од јавен интерес, од интерес за нашите граѓани. При тоа
истакнувам дека притисоците и креирањето уредувачка политика по порачка се
минато. Ние како нова локална власт ги поддржуваме медиумите професионално,
согласно со законските регулативи и Кодексот на новинарите, да ја извршуваат
својата работа, која што има клучна улога во креирањето на објективно јавно
мислење“, истакна градоначалникот Јованоски.

Како што рече, медиумите се антипод на власта, и треба да бидат вистински
коректори на работата на власта и од тој аспект својата работа да ја извршуваат
максимално професионално.