Јубилејно издание на карневалот „Прочка 2026“ – 25 години прилепски карневал и 100 години „Прилепски мечкари“

Од 20 до 23 февруари, Прилеп повторно ќе биде во центарот на европските карневалски случувања, одбележувајќи значајно јубилејно издание на карневалот „Прочка 2026“. Годинава се слават 25 години организиран прилепски карневал и 100 години од традиционалната заштитена маска „Прилепски мечкари“, препознатлива и наградувана на бројни фестивали низ Европа и светот, а од 2019 година прогласена за нематеријално културно наследство.
Градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, нагласи дека годинава карневалот повторно се враќа на меѓународната сцена.
Карневалот „Прочка 2026“, по повод двата големи јубилеи, добива изразен меѓународен карактер и повторно го позиционира Прилеп на мапата на значајни европски карневалски градови. Во недела, на главната карневалска манифестација, најавено е присуство на претставници на Федерацијата на европските карневалски градови, како и бројни гости и учесници од повеќе земји.
Очекувани се над 500 учесници во групни и поединечни маски, меѓу кои учесници од Македонија, Албанија, Србија и Бугарија, како и прв настап на возобновениот дувачки оркестар „Прилеп“, обновен по една деценија пауза.
Претседателот на Здружението „Прилепски мечкари“, Ванчо Ѓорѓиев, истакна дека обредот на мечкарите има исклучително значење не само за локалната заедница, туку и во национални рамки.
Со векови, оваа маска е нераскинливо поврзана со празникот Прочка и со прилепските касапи, а маскирањето со кожи се одржало како вековна традиција со верување дека ги брка злите духови и носи родна и бериќетна година.

Снежана Ристеска – советник за култура во Општина Прилеп истакна дека: Карневалската магија започнува на 20 февруари со традиционалната изложба на рачно изработени маски во ликовниот салон на НУЦК „Марко Цепенков“, каде стручна комисија ќе ги оценува и наградува најдобрите изработки.
На 21 февруари ќе се одржи детското карневалско дефиле, на кое ученици од основните училишта ќе се претстават со креативни групни маски, движејќи се од ООУ „Кочо Рацин“ до централната бина на плоштадот „Методија Андонов – Ченто“.
Централниот настан – меѓународната карневалска поворка – ќе се одржи на 22 февруари (Прочка) со почеток во 13:00 часот. Поворката ќе се движи од НУЦК „Марко Цепенков“ по булеварот „Гоце Делчев“ до централната бина, каде најкреативните и најоригинални маски ќе бидат наградени, вклучително и највисокото признание – Гран при маска.

Карневалските денови ќе бидат исполнети со улични уметници, жонглери, кловнови, акробати и куклари, како и вечерни забави под маски во прилепските угостителски објекти.
Свеченостите ќе завршат на 23 февруари, на Чист понеделник – почетокот на велигденскиот пост – со традиционален заеднички ручек во манастирот „Св. Ѓоргија“ во Присад, во организација на Здружението „Прилепски мечкари“.

Обичајот „Прочка“ во Прилеп претставува значаен дел од етно-културниот идентитет на Македонија и уникатна појава на Балканот и во Европа.
Многувековното празнување во 2001 година прерасна во организирана културна манифестација – „Прилепски карневал“, а на 21 мај 2006 година карневалот официјално стана член на Европската Федерација на карневалски градови.
Со ова јубилејно издание, Прилеп уште еднаш потврдува дека е град на традицијата, културата и живата народна радост, отворајќи ги вратите за посетители од земјата и странство да бидат дел од единствената карневалска атмосфера.