Јованоски: Со реконструкцијата на цевководот од изворот „Пашоски ливади“ обезбедуваме нови колични вода за пиење за граѓаните на Прилеп

Општина Прилеп посветено работи на решавање на децениските проблеми со
кои се соочуваат граѓаните, истакна градоначалникот Илија Јованоски на
денешната прес конференција, на која заедно со директорот на ЈКП „Водовод и
канализација“, Емил Јанески, ги изнесоа деталите од проектот „Реконструкција
на цевковод со главен довод на вода од извориште во мeстото викано
‘Пашоски ливади’ до собирна шахта во КО Прилеп“.

Договорот за реализација на проектот, беше потпишан вчера во Скопје, во
присуство на премиерот Зоран Заев и Извршниот директор и претседател на
ТАВ Аеродроми, Сани Шенер.

„Станува збор за средства во висина од 40.540.000,00 денари, кои се
обезбедени со одлука на Владата за прераспределба на парите од ТАВ
програмата. Со проектот се предвидени градежни активности за подобрување
на доводните цевководи, од постојните извори во месноста викана „Пашоски
ливади“ до собирната шахта на разводната водоводна мрежа за градот.
Реконструкцијата предвидува ископ на нова траса во должина од 4 км и
поставување нови лиено-железни водоводни цевки со профил од 300 мм и
притисок од 10 бари, заедно со целата потребна придружна хидротехничка
опрема. Во моментов со постојниот цевковод идат околу 10 литри во секунда,
а после неговата реконструкција, од изворите во месноста ‘Пашоски ливади‘; во
главната водоводна мрежа во градот ќе доаѓаат околу 25 литри во секунда. На
месечно ниво, тоа значи нови 39.000 метри кубни вода за потребите на
граѓаните на општина Прилеп. Изградбата на новиот цевковод ќе трае од 4 до 6
месеци“, изјави градоначалникот Јованоски.

Со потпишувањето на договорот, се потврдува поддршката која во изминатите
триипол години, во континуитет ни ја дава Владата на Република Северна
Македонија, дополни Јованоски.

Директорот на прилепски „Водовод и Канализација“, Емил Јанески, рече дека
цевководот од изворите во м.в. „Душница“ и „Пештерица“ е релативно добар,
додека пак од „Пашоски ливади“ и „Леково“ е прилично оштетен, како и тоа
дека водите од овие четири извори се собираат во истата хлорна и филтер
станицата на собирната шахта, од која потоа се внесуваат во градскиот
водовод.

„Ова е проект од капитално значење за нас. Заедно со Општина Прилеп,
работевме напорно на проектирањето, аплицирањето и изработката на целата
неопходна документација за добивање на овие средства. Во иднина останува
да работиме на тоа да го реконструираме и потисниот цевковод за Лековскиот
извор. Практично, решаваме голем проблем кој се однесува на
водоснабдувањето за граѓаните на општина Прилеп“, нагласи Јанески.