Јованоски: Прилеп се гордее со Пулексенија Јованоска и без разлика на резултатот во Токио, таа е нашиот шампион

Непосредно пред нејзиното заминување на Олимписките игри во Токио, денеска градоначалникот Илија Јованоски во својот кабинет оствари средба со државната репрезентативка во карате, прилепчанката Пулексенија Јованоска, како и со селекторот и тренер на македонската репрезентација во дисциплината „кати“, Стојан Андриевски.

Потенцирајќи го нејзиниот огромен успех, градоначалникот Јованоски истакна дека со самиот нејзин настап на најголемата светска спортска манифестација, граѓаните на Прилеп се гордеат со Пулексенија Јованоска која за сите нив е вистински шампион.

„Претстојниот настап на Пулексенија Јованоска на Олимписките игри во Токио, е огромно признание како за неа лично, така и за македонското карате, за Прилеп како нејзин роден град, но и за Република Северна Македонија. Исклучително ми е драго што на денешната средба со нашата олимпијка, беше видлива нејзината самодоверба, како и желбата и мотивацијата на најголемиот светски спортски настан да се претстави во најдобро светло. Истовремено, среќен сум што Пулексенија ја има безрезервната поддршка на граѓаните на Прилеп, но исто така што и ние како Општина правилно ги вреднувавме нејзините спортски достигнувања, кога во 2019 година ја избравме за најдобар спортист на Прилеп. Без разлика на постигнатиот резултат, за нас како нејзини сограѓани, Пулексенија Јованоска е нашиот шампион“, рече градоначалникот Јованоски.

На Олимписките игри во Токио, Пулексенија Јованоска ќе се натпреварува во дисциплината „кати“, во која место имаше само за 10-те најдобри каратистки во светот.

„Најтешко беше да се влезе меѓу десетте каратистки кои ќе учествуваат на Олимписките игри. За Токио заминувам со позитивна енергија, свесна за притисокот што го носи учеството на еден ваков настан. Во Словачка одработивме исклучително квалитетни едномесечни завршни припреми, а до заминувањето во четврток останува со селекторот да го заокружиме сето она кое досега го сработивме. Мојот настап ќе биде следниот четврток, 5-ти август, во 3 часот наутро по македонско време. Притисокот е огромен, а мојата цел е да уживам во натпреварувањето, да уживам во секој момент, бидејќи со самото учество на Олимпијадата се оствари мојот животен сон“, изјави Јованоска.

„Одработивме одлични припреми, ја имавме максималната поддршка на нашиот Олимписки комитет и на Агенцијата за млади и спорт. Самото тоа што во Токио ќе се натпреваруват 10-те најдобри каратистки во светот во дисциплината ‘кати’, меѓу кои е и Пулексенија Јованоска, претставува резултат достоен за почит“, нагласи селекторот и тренер на македонската репрезентација во дисциплината „кати“, Стојан Андриевски.

Јовановска и селекторот Андриевски во четвртот заминуваат за Токио, точно една недела пред настапот во салата „Нипон Будокан“.