Јавна трибина за издавање општинска обврзница

Општина Прилеп денеска организираше јавна трибина на која пред граѓаните, советниците, раководители на јавни претпријатија, стопанственици и преставници од урбани заедници, беше презентирана постапката и потребата од издавање на општинска обврзница, како  начин на финасирање во Општина Прилеп за реализирање на проекти важни за заедницата.

Пред присутните, од страна на раководителите на секторите за Урбанизам и Финансии како и од страна на градоначалникот, беа презентирани неколку клучни проекти од капитално значење кои би се реализирале во општина Прилеп: Урбанистички проект за улица “Победа”, (од вкрстување со улица “Васко Карангелески” до улица “Александар Македонски”) со мост на река “Ореовечка” во општина Прилеп. УРБАНИСТИЧКИ ПРОЕКТ ЗА ИНФРАСТРУКТУРА со идеен проект за кружен тек на вкрстување на улица „11ти Октомври“ со река „Ореовечка“, улица „Кеј 9ти Септември“ и улица „Кеј 1ви Мај“, мост „Табана“, согласно ГУП за град Прилеп и  УРБАНИСТИЧКИ ПРОЕКТ ЗА ИНФРАСТРУКТУРА за улица „Орде Чопела“ – делница од крстосница со улица „Македонски бранители“ до граница на опфат по ГУП – Општина Прилеп.

„Оваа јавна трибина и презентација беше со цел да им прикажиме на нашите сограѓани и стопанственици дека од суштинско значење за нашиот град се овие проекти со кои што планираме да го подобриме и олесниме животот во Општина Прилеп и да придонесеме заедно за поголем економски развој на Прилеп. Оваа 2023 година како и наредните години од нашиот мандат, ќе бидат целосно насочени кон реализација на програмата и враќање на Прилеп таму каде што му е местото, како една од најдобрите општини во Република Македонија. Начинот можеби е нешто што за прв пат би се реализирало во нашата општина, но не сме ниту прва ниту единствена општина во Република Македонија која што размислува на ваков начин да работи, единствено со намера за забрзан локален економски развој на нашата општина и реализација на значајни проекти“-  истакна градоначалникот на Прилеп,Борче Јовечски пред присутните.

Со оваа иницијатива Општина Прилеп се надева и очекува Владата да не биде пречка за издавањето на општинска обврзницата и Прилеп да почне вистински  да се развива,- ова денес беше нагласено на јавната трибина.