Изложба на книги на Друштвото за наука и уметност – Прилеп

Денеска во просториите на Друштвото за наука и уметност – Прилеп, беше
презентирана изложба на книги чии автори се актуелни и поранешни членови на
Друштвото за наука и уметност, а кои се издадени од страна на Националната
универзитетска библиотека „Климент Охридски“- Скопје.

На денешната изложба беа презентирани вкупно 22 книги, со преку 600 стручни и
научни трудови. Како што посочи Тодор Алексоски, потпретседател на Друштвото
за наука и уметност, целта на изложбата е членовите на Друштвото преку делата
да го дадат свој придонес во развојот на науката во регионот и пошироко.
Изложбата беше посетена и од учениците на Гимназијата „Мирче Ацев“, кои се
запознаа со делата и дознаа повеќе за нивното значење и вредност.

„Библиотеката брои преку 2.500 книги, но секогаш добиваме нови книги од
Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), подароци од поединци
и други научни друштва и оваа бројка во континуитет расте“, посочи Алексоски.

Денес во Друштвото за наука и уметност – Прилеп членуваат над 150 научни
работници од градот и Републиката, академици, доктори на науки, магистри,
лекари примариуси и уметници. Членовите се организирани во одделенија за
општествени, биолошки, математичко-технички науки, медицина, лингвистика,
литературни науки и уметност и активно придонесуваат во пренесувањето на
научната мисла и продолжување на културната мисија.