Испорака на првото специјализирано комунално возило за собирање и транспорт на отпад од Министерството за животна средина и просторно планирање

Во текот на вчерашниот ден ја презедовме испораката на првото специјализирано комунално возило за собирање и транспорт на отпад, кое Општина Прилеп го добива од Министерството за животна средина и просторно планирање во рамки на Регионалната програма за управување со цврст отпад.
Станува збор за возило со капацитет од 8 кубни метри, кое е дел од вкупно 9 специјализирани камиони што ќе ги добие Општина Прилеп во рамки на регионалниот проект за управување со цврст отпад во Пелагонискиот и Југозападниот регион.
Во наредниот период, етапно ќе бидат испорачани уште 5 специјализирани комунални возила со капацитет од 12 кубни метри, уште едно возило со капацитет од 8 кубни метри и 2 помали камиони со капацитет од 6 кубни метри.
Со оваа комунална опрема значително ќе ја зајакнеме ефикасноста на комуналните услуги и ќе направиме важен чекор кон воспоставување на интегриран и одржлив систем за управување со отпад, усогласен со европските директиви за отпад и депонии.
Со новата комунална опрема за справување со цврстиот отпад правиме конкретен чекор кон почиста животна средина, повисок квалитет на живот и намалено загадување, како и значително подобрување на јавната хигиена во нашиот град.
Во рамки на овој проект за Општина Прилеп веќе се испорачуваат и 8318 канти за селекција на отпад и 126 контејнери од 1,1 кубен метар за собирање мешан отпад и отпад кој може да се рециклира.
Новата комунална опрема е обезбедена за 18 општини од Пелагонискиот и Југозападниот регион, со вкупна вредност од 11 милиони евра, во рамки на Регионалниот проект за управување со цврст отпад, кој се реализира со поддршка на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и има за цел воспоставување на функционален регионален систем за управување со отпад.