Градоначалникот Јованоски оствари средба со ученици и наставници од програмата „Еразмус“

Во рамките на програмата „Еразмус“, СОУ „Ѓорче Петров“ е домаќин на ученици и
наставници од Португалија, Италија, Турција и Полска.

По тој повод, гостите од четирите европски земји, заедно со учениците од
прилепското медицинско училиште „Ѓорче Петров“, денеска ја посетија Општина
Прилеп и остварија средба со градоначалникот Илија Јованоски.

Посакувајќи им добредојде во градот, градоначалникот Јованоски изрази надеж
дека нивниот неколкудневен престој во Прилеп и Република Македонија, ќе
придонесе за подобро запознавање на нашата држава.

„Со помош на проектот ‘Еразмус’, вие ја осознавате Европа, вклучително и
Македонија. Многу ми е драго што сте во Прилеп и што ќе се запознаете со
културно-историските знаменитости на нашиот град. Сакам да им се
заблагодарам на директорот и на наставниците од СОУ ‘Ѓорче Петров’, како и на
учениците од ова училиште, за тоа што се ваши добри домаќини. Се надевам дека
од нашиот град и од Македонија ќе заминете со позитивни впечатоци“, изјави во
своето обраќање пред учесниците на проектот, градоначалникот Јованоски.

Од име на домаќинот, СОУ „Ѓорче Петров“, пријатен престој во Прилеп им посака
професорката Елизабета Милошеска. Таа истакна дека ова не е прв проект од
програмата „Еразмус“ кој го реализира средното медицинско училиште.

„Имаме долгогодишно искуство во реализирање на ‘Еразмус +’ проекти. Темата на
овој проект е ‘Нашите реки, нашата заедничка иднина’. Во таа насока, како што и
реките немаат свои граници и бариери, настојуваме и ние да ги премостиме
границите и бариерите помеѓу луѓето кои што се од различни земји, култури и
етнички заедници“, потенцираше професорката Милошеска.

Учениците и наставниците од Португалија, Италија, Турција и Полска, во
Македонија ќе престојуваат 7 денови.