Градоначалникот Борче Јовчески со поддршка за тутунарите

Денес во зелената сала на Општина Прилеп, градоначалникот Борче Јовчески организираше прва средба со здруженија на тутунопроизводители од прилепскиот регион. Целта на состанокот како што кажа градоначалникот е координација со сите инволвирани страни во откупот на тутун каде што постои загриженост поради реакција на тутунопроизводителите за ниската откупна цена на тутунот.

„Во текот на вчерашниот ден со допис реагирав до подрачната единица на Земјоделскиот инспекторат, да посветат поголемо внимание и контрола во овој период на откупните пунктови со цел маката и трудот на тутунопроизводителите да биде соодветно платена со реални откупни цени. Исто така во наредниот период ќе посетиме заедно со  претставници на здруженијата неколку откупни пунктови, со цел да се информираме како тече откупот и дали производителите се задоволни од постигнатата откупна цена“ истакна градоначалникот.

Градоначалникот Јовчески во изјавата за медиумите исто така потенцираше дека ќе иницираат  на заедничка средба со градоначалниците од регионот и пратениците да се предвиди и предложи измена во законот за тутун со што ќе се забрани увозот на тутун од странство се додека не биде откупен целосно домашно произведениот тутун, затоа што не смее владата да дозволи стратешката гранка во земјоделството и маката на тутунарите да биди погодена со неконтролиран увоз на тутун од други држави.

Претставниците  на здруженијата на тутунопроизводители кои што беа присутни беа согласни на ставот дека откупната цена која што во моментов се движи во просек од околу 180 денари е далеку пониска од реалниот квалитет на тутунот, која што според нив би требало да биде некаде околу 230 денари.

Координаторот на здруженијата на тутунопроизводителите Игор Мирчески во својата изјава за медиумите кажа дека просечната откупна цена на досега откупениот тутун која што официјално е претставена во јавноста од 188 денари е фингирана и истата според информациите кои што доаѓале од терен се движи во просек од 160 денари за килограм откупен тутун.

Видео од изјавите можете да погледнете тука: