Германскиот систем на дуално образование ќе се практикува и во Прилеп

Градоначалникот Илија Јованоски, денеска оствари средба со претставниците на Делегацијата на Германското стопанство во Македонија, Тобијас Боле и Дејан Чуповски, како и со претставници од компаниите „ВИК Македонија“, „Гентерм“ и „Витаминка“, на којашто беа разменети првични информации за искуствата и позитивните ефекти од примената на дуалното образование во Германија, а кое што ќе се применува и кај нас.

Во рамки на активностите за дуално образование, во Прилеп, во средното општинско училиште „Ристе Ристески-Ричко“, ќе се отвори нова паралелка за техничари за индустриска мехатроника, како образовен профил од електро-техничката струка.

Градоначалникот Илија Јованоски целосно го поддржува проектот.

„Доколку се искрени намерите на компаниите да ангажираат и соодветено да го вреднуваат трудот на стручно оспособен кадар согласно со нивните потреби, секако дека го поздравувам овој пилот проект. И се надевам дека неговите ефекти за брзо ќе бидат видливи во нашето стопанство и на берзата на трудот, а конечниот фидбек ќе го имаат и компаниите, но и младите луѓе во градот. Ова е европски модел на стимулирање на младите да останат во својата земја, а од друга страна и квалитетен линк меѓу бизнис секторот и обрзованието“, вели градоначалникот Јованоски.

Директорката Билјана Трајкоска се надева дека наскоро училиштето непречено ќе ги добие сите дозволи за отворање на оваа паралелка.

Компаниите со странски капитал „ВИК Македонија“ и „Гентерм“, коишто функционираат во ТИР зоната кај Алинци, ќе обезбедат ментори за учениците, превоз и храна, а обуките ќе се спроведуваат во нивните компании.

Отворањето на оваа паралелка е дел од пилот проектот што на ниво на Македонија се спроведува и во Кавадарци и Охрид.

Целта е да се продуцираат дефицитарни кадри на пазарот на трудот, кои што по завршување на образовниот процес веднаш ќе бидат работно ангажирани од развиените македонски и компании со странски капитал во државата.

Со оваа мерка во голема мера ќе се надминат досегашните слабости на образовниот процес, коишто продуцираа суфицитарни кадри, за коишто нема потреба на пазарот на трудот. Паралелно отворањето нови работни места, значи и намалување на армијата невработени, но и ублажување на процесот на иселување на младите во странство.