Драги Богојески: Директорите на ВМРО-ДПМНЕ ја урнисаа прилепската болница, годинава на специјализација ќе заминат 15 доктори

„Со својата здравствена политика, ВМРО-ДПМНЕ целосно го урниса здравството не во само во Прилеп, туку во цела држава. Тоа придонесе во сите здравствени установи, бројот на доктори специјалисти да се преполови, а ништо подобра не е состојбата ниту во прилепската болница“, изјави на денешната прес конференција директорот на ЈЗУ Општа болница „Борка Талески“, Драги Богојески.

Одговарајќи на обвинувањата на ОК на ВМРО-ДПМНЕ, дека во периодот откако СДСМ е на власт ниту еден лекар од прилепската болница не бил упатен на специјализација, Богојески рече дека тоа се должи на лошата политика на упатување на доктори на специјализација во изминатите 10 години од страна на претходните раководства на болницата, кадри на сегашната опозиција.

„Во периодот 2013-2017 година, на специјализација биле упатени само 18 доктори. Овде сакам да напоменам дека сегашниот координатор на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп, Петар Ристески кој беше директор на болницата во 2016 и 2017 година, на специјализација упатил само 5 доктори. Зошто во март оваа година не заминаа доктори од прилепската болница на специјализација? Затоа што во Програмата за 2018 година која беше прифатена од поранешната Влада на ВМРО-ДПМНЕ, беа предвидени несоодветни специјалности. Актуелниот раководен тим на болницата ја анализираше состојбата во одредени одделенија и заклучи дека е најнеопходно е на специјализација да се упатат доктори по неврологија, ортопедија, анестезија и интерна медицина, каде во иднина ќе се склучи најголем недостаток на специјалисти. Во тековната 2019 година, од прилепската болница на специјализација ќе бидат упатени 15 доктори“, изјави директорот на ЈЗУ Општа болница „Борка Талески“, Драги Богојески.

На денешната прес конференција, Богојески посочи дека заради лошото менаџирање на прилепската Општа болница од страна на претходните директори, Богатиноски и Ристески, во одредени одделенија драстично е намален бројот на специјалисти, што го отежнува нормалното функционирање на оваа здравствена установа. Така на пример, пред десетина година хируршкото одделение имало 10 специјалисти а сега 5, во интерното одделение бројот на специјалисти се намалил од 15 на 11, во детското одделение и на  гинекологија од 5 на 3, а во невропсихијатриското одделение има само 1 невролог.

Директорот Богојески напомена дека од 2017 година до денес, во прилепската болница се набавени 2 операциони стола, плазма стерилизатор, 10 пациент-монитори, еден анестезиолошки апарат, по 2 холтери за крвен притисок и за ЕКГ, набавено било и санитетско возило, апарат за ласерска терапија во одделението за физикална терапија, ехо апарат во хируршко одделение и друга опрема, додека до крајот на овој месец во болницата ќе биде донесена опрема од поголем обем.

Првиот човек на прилепската болница потенцираше дека после спроведените мерки за намалување на потрошувачката на електрична енергија и на трошоците за телефон, болницата има заштедено значителни финансиски средства.

„Во февруари 2018 година, болницата платила 838.300 денари за потрошена електрична енергија, додека јануарската сметка за оваа година изнесува 701.000 денари, што претставува заштеда од над 2.200 евра на месечно ниво. За време раководењето на болницата од страна на претходниот директор Петар Ристески, месечно биле плаќани сметки за мобилни телефони во висина од 30.000 денари, а сега за тоа се плаќаат 8.900 денари. За фиксна телефонија, претходниот менаџерски тим на болницата предводен од кадрите на ВМРО-ДПМНЕ, плаќал 65.000, наспроти сегашните 37.000 денари. Сето ова покажува кој работи домаќински, а кој трошел неразумно и без мера“, нагласи директорот на ЈЗУ Општа болница „Борка Талески“, Драги Богојески.