Финишираат подготовките за „Пивофест 2019“

Во тек се завршните подготовки за почеток на годинешниот 17-ти „Пивофест 2019“ и нема дилеми дека Прилеп ќе има уште едно успешно издание на фестивалот на пивото. Тоа на денешната прес конференција го истакнаа градоначалникот Илија Јованоски и директорите на јавните претпријатија кои, секој од својот домен на работа, имаат значајна улога во обезбедувањето услови за успешна организација на оваа манифестација. Истовремено, се подготвува главната бина која до крајот на денот ќе биде готова, а се припремаат и штандовите за пиво и скара.

Градоначалникот Јованоски рече дека подготовките се при крај и дека почетокот на фестивалот, како и сите четири фестивалски денови, ќе поминат без никакви проблеми.

„Сигурен сум дека и останатите структури кои се вклучени во организацијата се спремни, пред се’ организаторот ‘Баги Комуникации’. Безбедносната ситуација во нашиот град е на задоволително ниво и во овој момент не постојат никакви пречки за успешна организација на ‘Пивофест’. Убеден сум дека сите посетители, нашите сограѓани и гостите од другите градови и држави, ќе имаат добра забава. Годинашниот фестивал ќе биде поразличен од досегашните, затоа што ќе има дополнителни програми. Ќе има алтернативни места и сцени каде што ќе се реализираат музички настани кои ќе бидат на високо ниво и верувам дека на крајот, во недела навечер, сите ќе заминеме задоволни од она што се случувало во изминатите 4 денови“, изјави градоначалникот Јованоски.

„И покрај неповолните временски прилики, ЈКП ‘Комуналец’ целосно ќе одговори на потребите на фестивалот. Забрзано се работи и веќе е при крај средувањето на сите влезови во градот, а максимално ќе одговориме и на потребите на кампингот кој ќе биде организиран на Могилата на непобедените. Во текот на сите фестивалски денови ќе работиме непрекинато. Во центарот на градот ќе бидат ангажирани 70 вработени во јавното претпијатие. Со работа ќе почнуваме во 3 часот наутро, со цел најдоцна до 8 часот централното градско подрачје да биде комплетно исчистено и уредено“, напомена Ирена Станковска, в.д. директор на ЈКП „Комуналец“.

„ЈКП ‘Водовод и канализација’ во координација со локалната самоуправа, ги презеде сите дејствија во рамките на своите надлежности во насока на успешна организација на годинешниот ‘Пивофест’. Изградени беа водоводни и одводни линии до секој штанд, а можам да дополнам дека се комплетирани екипи кои што ќе бидат на терен 24 часа, заради отстранување на секој проблем кој евентуално би се појавил за време на одржување на манифестацијата, а кој е во надлежност на јавното комунално претпријатие“, потенцираше директорот на ЈКП „Водовод и канализација, Емил Јанески.

Раководителот на секторот за паркинзи и јавен градски превоз при ЈП ПУП, Илија Иваноски истакна дека оваа година се воведува нов принцип на паркирање на возилата, односно нивното паркирање ќе почнува од периферијата на градот.

„Сите возила кои ќе дојдат за време на ‘Пивофест’ ќе бидат паркирани на периферијата на градот, за да се растовари централното градско подрачје, а не како досега тие да се паркираат во центарот на градот. На тој начин, послободно ќе може да функционира и градскиот сообраќај, но и возилата на Итната медицинска помош, полицијата и на противпожарната единица, додека во договор со основните и средните училишта, ќе ги користиме и нивните паркинзи“, изјави Иваноски.

„Пивофест 2019“ започнува утре, четврток 18 јули и ќе трае заклучно со недела, 21 јули.