Прилеп е меѓу првите градови во државата во кои е отворен Центар за услуги на Министерството за дигитална трансформација, со што граѓаните добиваат побрз, поедноставен и полесен пристап до голем број државни и локални административни услуги.
Новиот Центар за услуги, кој денеска беше официјално промовиран од градоначалникот на Општина Прилеп и министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, функционира според принципот „една врата“. Лоциран е во просториите на Општина Прилеп, односно во Даночното одделение, наспроти новата општинска зграда.
Преку Националниот портал за е-услуги, граѓаните ќе имаат можност да користат повеќе од 350 дигитални услуги, додека за компаниите се достапни над 700 услуги. Во Центарот, стручни лица ќе им обезбедуваат поддршка на граѓаните во текот на целата постапка – од поднесување на барањето до добивање на електронските документи.
За користење на услугите доволно е граѓаните да приложат лична карта, а вработените ќе им помогнат да добијат документи како извод од Матичната книга на родените, различни уверенија и други јавни исправи, без непотребно чекање и сложени административни процедури.
Отворањето на Центарот е резултат на успешната соработка меѓу Општина Прилеп и Министерството за дигитална трансформација. Општината обезбеди простор во рамките на едношалтерскиот систем, со цел на едно место да бидат достапни и локалните и државните услуги, овозможувајќи им на граѓаните поедноставен пристап до администрацијата.
Покрај отворањето на Центарот за услуги, Министерството за дигитална трансформација донираше и 20 нови компјутери за СОУ „Ристе Ристески – Ричко“. Со оваа донација ќе се подобрат условите за изведување на наставата по физика и ќе се придонесе за развој на дигиталните знаења и вештини кај учениците.
Општина Прилеп и понатаму останува посветена на модернизацијата на јавните услуги, дигиталната трансформација и унапредувањето на образованието, со цел создавање поефикасна администрација и подобар квалитет на живот за сите граѓани.

