Александар Стојкоски – добитник на награда диплома „3-ти Ноември“

Александар Стојкоски годинава доби награда диплома „3-ти Ноември“ за врвни достигнувања во планинското трчање и меѓународна промоција на Општина Прилеп. Стојкоски со планинско трчање се занимава веќе 3 години, а за прв пат настапил на планинската трка „Крали Марко ултра треил“. Од тогаш па се до денес е редовен учесник на сите планински трки во Македонија, а учествува и на вакви трки во странство.

Стојкоски вели дека во планинското трчање најмногу го привлекува чистиот воздух и самата природа. Често пати трчал и на планини со над 2.000 метри надморска висина, а во текот на трките учесниците на овие спортски настани биле под влијание на разни временски услови како сонце, дожд, снег.

Планинското трчање според Стојкоски бил еден од најтешките спортови кој барал голема физичка и психичка подготвеност. Тренирал скоро секој ден на планините во околината на Прилеп.

Планинското трчање било посебен начин на живот кој се практикувал 365 дена во текот на годината. Важни биле тренинзите и исхраната, но исто така еден најважните сегменти бил и одморот за да се постигнат посакуваните резултати.

Годинава за прв пат учествувал на планинска трка долга над 100 км., на меѓународната трка „Крали Марко ултра треил“ која се одржа во Прилеп, каде што го освои првото место. За оваа трка немал посебни тренинзи затоа што му бил познат теренот и трката ја истрча за околу 14 часа и 20 минути.

Учествувал и на голем број меѓународни трки како оние на Крф во Грција, Вучко Треил во БиХ, Истра во Хрватска, Загор во Грција, Јадовник во Србија, Рила во Бугарија, каде постојано го освојува првото, второто или трето место.
За идната година сака да учествува на неколку поелитни трки како онаа на Олимп, Доломити, Пирин, Трансилванија и уште неколку други.

Наградата „3-ти Ноември“ за него била голема мотивација и поттик за постигнување на поголеми резултати во текот на наредните години.