Во Прилеп официјално пуштено во употреба ново Собирно место за селекција и одлагање на отпад

Општина Прилеп заедно со ЈКП „Комуналец“ официјално го пушти во употреба новото Собирно место за селекција и одлагање на отпад, со што се прави значаен чекор кон создавање на поорганизиран, поодржлив и поеколошки систем за управување со отпадот.

Исто така во Прилеп пристигна уште едно ново специјализирано возило за подигање на отпад, обезбедено преку Министерството за животна средина и просторно планирање, како дел од Регионалната програма за управување со цврст отпад.

Новото собирно место се наоѓа на ул. „Трајко Николоски“, пред влезот на гаражите на ЈКП „Комуналец“, на безбедна и контролирана локација со 24-часовен надзор, со цел заштита на инфраструктурата и нејзино правилно користење.

Од денес, граѓаните на едно место ќе можат правилно да одлагаат електричен и електронски отпад, отпад од текстилни производи, стаклена амбалажа, хартија и пластика.

Комуналната опрема за собирање на електричен и електронски отпад е обезбедена од колективниот постапувач Ел Колект, кој согласно законските обврски ќе го собира, транспортира и рециклира отпадот. Во собирното место ќе може да се одлагаат мали домашни апарати, ИТ и компјутерска опрема, телефони, кабли, светилки, монитори и друг вид електричен и електронски отпад.

Дополнително, поставено е и „ѕвоно“ за стаклена амбалажа, како и контејнери за ПЕТ амбалажа, хартија и картон, со цел да им се овозможи и на граѓаните кои не се дел од системот за куќна селекција активно да се вклучат во процесот на правилно управување со отпадот.

Во соработка со колективниот постапувач Тексомак и кампањата „Селектирај отпад“, започнува и системско собирање на текстилен отпад. Граѓаните текстилниот отпад ќе можат да го одлагаат во собирното место пред ЈКП „Комуналец“, во кругот на „Комфи Ангел“, или преку апликација да пријават подигање на отпад директно од нивниот дом.

Од Општина Прилеп посочуваат дека ова собирно место претставува почеток на нов системски пристап во управувањето со отпадот, со кој се подигнува јавната свест и се создаваат услови за идниот регионален систем и регионалната депонија.

Воедно, Општина Прилеп и ЈКП „Комуналец“ веќе работат и на проект за изградба на голем современ Собирен центар, каде што ќе се селектираат најмалку 30 видови отпад, согласно современите стандарди и законски обврски.

Со овие активности, локалната самоуправа продолжува со инвестиции во модерна комунална инфраструктура и проекти кои директно придонесуваат за почист, поуреден и поздрав град.