Канцеларија за дигитални услуги во Прилеп

Прилеп добива канцеларија на Министерството за дигитална трансформација, што ќе овозможи побрзо, поефикасно и навремено добивање услуги за граѓаните, без потреба тие да ги познаваат дигиталните алатки или да го користат Националниот портал за услуги – uslugi.gov.mk. Канцеларијата ќе биде сместена во просториите на Одделението за администрирање на приходи при локалната самоуправа.

Градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, се заблагодари за соработката и поддршката од Министерството за дигитална трансформација, посочувајќи дека со ова Прилеп се позиционира меѓу приоритетните градови во државата во делот на дигиталните е-услуги.

„Започнавме и ветивме проект кој значи подобрување на квалитетот на живот на граѓаните, намалување на гужвите и редиците во институциите при издавање документи. Ќе направиме дополнителен увид, а воедно јавно упатувам покана до министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, повторно да го посети Прилеп за заедно да ги презентираме алатките што ќе им бидат корисни и поблиски на граѓаните“, изјави Проданоски за време на посетата на министерот Андоновски по повод Меѓународниот ден на побезбеден интернет.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, истакна дека Прилеп е дел од мрежата на 14 градови во земјата во кои се отвора Центар за е-услуги.

„Во Прилеп обезбедивме можност за отворање Центар за е-услуги, спроти Општината, на веќе позната локација за плаќање даноци и такси. Таму ќе биде сместена канцеларијата на Министерството за дигитална трансформација. Сите услуги што се нудат на националниот портал ќе бидат достапни за граѓаните на Прилеп и без тие да отвораат сопствен профил – нашите вработени ќе го направат тоа во нивно име за да ја добијат бараната услуга“, нагласи Андоновски.

Преку новиот Центар за услуги на Министерството за дигитална трансформација, граѓаните на Прилеп ќе имаат можност физички да ги добиваат сите услуги достапни на Националниот портал за услуги – uslugi.gov.mk, со што значително ќе се олесни пристапот до јавните услуги