Oпштина Прилеп мора да биде побезбедно место за живеење

Денес градоначалникот на Општина Прилеп, Борче Јовчески, преку обраќање до јавноста упати апел до Министерството за внатрешни работи да се преземат поконкретни чекори во врска со немилите настани кои изминатиов период се случија на територијата на општина Прилеп.

Целото обраќање ви го пренесуваме во целост:

„Почитувани, ова мое обраќање денес е насочено кон МВР а е предизвикано од низата насилни случувања во општина Прилеп. Како избран од граѓаните се чуствувам одговорен и јас да реагирам, затоа што алармот од Советот, со неусвојувањето на последниот извештај од Полициската станица Прилеп очигледно не ви беше доволен. Општина Прилеп мора да биди посигурно и побезбедно место за живеење.

Безбедноста на граѓаните и зголемување на довербата кон Полицијата во насока на поголема сигурност во своето место на живеење, е  мој приоритет кон кој како градоначалник на општина Прилеп ќе продолжам да  работам. Сведоци сме во последно време дека градот е претворен во место каде што царува криминал, насилство и беззаконие.

Во изминативе неколку месеци се случија бројни настани во кои  беа нападнати службени лица на кои што за жал му беа нанесени тешки телесни повреди,  на своите работни места и извршувајќи ги своите работни задачи.

Оружје, дрога, запалени возила и насилници го преплавија градот,  а вакво нешто е едноставно недозволиво !

Јавно прашувам,  до кога одговорните службени лица и институции ќе го дозволуваат ова однесување на поединци, кои демонстрираат сила и моќ во градот, а со тоа го загрозуваат слободното и безбедно движење на сите мои сограѓани.

Апелирам до Министерството за внатрешни работи итно и неодложно да ги преземат сите потребни мерки за заштита на граѓаните. Наша основна обврска е да направиме се што е потребно секој жител да се чуствува безбеден и сигурен во сопствениот град.

Прилепчани го бараат и го заслужуваат тоа!“