Денеска во Прилеп, со пригоден настан, презентација на дел од опремата и показна вежба, им оддадовме заслужено признание на припадниците на ТППЕ Прилеп – луѓето кои секојдневно стојат на првата линија во заштитата на граѓаните, нивните домови и безбедноста на нашиот град.
Пожарникарството не е само професија, туку повик што бара огромна храброст, дисциплина, одговорност и човечност. Тоа се луѓе кои реагираат таму каде што другите се повлекуваат, луѓе кои и во најтешките моменти остануваат смирени и секогаш подготвени да помогнат.
Територијалната противпожарна единица Прилеп многупати досега покажа дека градот има служба на која граѓаните можат целосно да се потпрат. Подготвеноста, организираноста и професионалниот пристап што го покажуваат се резултат на долгогодишна посветена работа, континуирана обука и искуство стекнато на терен.
Зад секоја успешна интервенција стојат луѓе кои работат под притисок, носат брзи и одговорни одлуки и секогаш го даваат својот максимум за заштита на човечките животи и материјалните добра. Токму затоа, нивната улога во безбедноста и функционирањето на градот е од огромно значење.
Општина Прилеп и понатаму ќе биде партнер и поддршка на пожарникарите преку вложувања во подобри услови за работа, современа опрема и јакнење на капацитетите на службата. Безбедноста не смее да се сфати како трошок, туку како обврска и приоритет кон сите граѓани.
Во пресрет на летниот период, упатуваме апел до сите граѓани за внимателно и одговорно однесување. Пожарите на отворено, палењето стрништа, невнимателното фрлање отпушоци и несовесното однесување можат да предизвикаат сериозни последици по природата, имотот и човечките животи.
Превенцијата е подеднакво важна како и самата интервенција.
На сите пожарникари им посакуваме добро здравје, успешна работа и што помалку интервенции!

