Жителите од „Тризла 2“ едногласни: Локалната власт и градоначалникот Јованоски работат на подобрување на животот на Ромите

На обвинувањата на ОК на ВМРО-ДПМНЕ, изречени на нивната денешна прес конференција на сметка на градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски за неговото наводно неприсуство на одбележувањето на празникот Ѓурѓовден, се огласи и раководството на урбаната заедница „Тризла 2“.

Киршан Мамудоски, претседател на урбаната заедница „Тризла 2“, ги демантираше изнесените дезинформации од страна на општинското раководство на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и, истовремено, ја потенцираше одличната соработка која што оваа урбана заедница ја има со прилепската локална самоуправа и градоначалникот Јованоски.

„Покрај тоа што градоначалникот Јованоски за празникот Ѓурѓовден оствари лична комуникација со многу граѓани од нашата населба честитајќи им го празникот, откако е градоначалник во континуитет демонстрира јасна поддршка за граѓаните Роми, преку серија комунални проекти кои се спроведуваат во ‘Тризла2’ и населбата ‘Три багреми’. Имено, сѐ она што беше заборавено од претходната власт, оваа власт е цврсто решена да го изгради и направи. Се тампонираа улиците ‘Ердован Шабаноски’ и ‘Дабнички завој’, се тампонираше и улицата ‘Беровска’ во должина од 2 километра како и улиците во населбата ‘Три багреми’, а на улицата ‘Дабничка’ е поставен асфалтен слој. Се подобри електричната мрежа во целата населба, се подобрува хигиената и се поставија многу контејнери за отпад. Во соработка со ЈКП ‘Водовод и канализација’, редовно се отстрануваат проблемите со водоводната мрежа, а се обезбеди и чиста вода за пиење за многу граѓани во ‘Тризла2’, додека за учениците е обезбеден и бесплатен превоз“, истакна Мамудоски.

Исто така, Мамудоски потенцираше дека искрениот пристап на општинската власт за подобрување на условите за живот на жителите од населбата „Тризла 2“ се гледа и сега, после завршувањето на изборите, кога продолжија градежните активности во оваа населба.

„Затоа, денешните изјави на ОК на ВМРО-ДПМНЕ се тенденциозни и злонамерни. Граѓаните Роми се свесни и совесни граѓани. Самите одлучуваат кому ќе го дадат својот глас, без ничиј притисок. Токму заради големиот број на досегашни проекти и оние кои што следуваат во иднина, Ромите ја даваат и ќе ја даваат поддршката на актуелната политичка гарнитура на власт“, изјави претседателот на урбаната заедница „Тризла 2“, Киршан Мамудоски.