Со полагање свежо цвеќе пред споменикот „Жена борец“, во Прилеп одбележан Меѓународниот ден на жената-8 Март

По повод 8 Март-Меѓународниот ден на жената, делегации од локалната самоуправа и општинскиот Совет, заедно со претставник на Општинскиот одбор на Сојузот на борци од Прилеп, денеска положија свежо цвеќе пред споменикот „Жена борец“ во Паркот на револуцијата.

На тој начин, присутните им оддадоа почит на сите жени борци и на нивниот несебичен и историски придонес во борбата за слободна и независна македонска држава.

Заради пандемијата со вирусот Ковид-19, годинава претставниците од Општина Прилеп ја одложија традиционалната осмомартовска посета на штитеничките од домот за стари лица „Киро Крстески-Платник“.

Додека, пак, градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски, во својата честитка по повод Меѓународниот ден на жената, порача дека прогресивно и развиено општество, подразбира социјална, политичка и економска рамноправност помеѓу мажите и жените, еднаквост во пракса, во секојдневие, во сите нивоа и позиции на раководење и одлучување, а не само на хартија и во статистика.

„Впрочем, токму вирусот Ковид-19 покажа дека не постојат разлики и дека сите сме подеднакво важни во битката со пандемијата. Илјадници жени и мажи, лекари, медицински сестри, болничари, подеднакво се вклучени на првата борбена линија со најголемото зло на денешницата. Затоа, да продолжиме да ги уриваме стереотипите, да продолжиме да градиме општество на еднакви шанси и можности и со правилни родови политики да обезбедиме подобро утре за сите“, стои во честитката на градоначалникот Јованоски по повод 8 Март.