Заврши изградбата на патот Волково – Прилепец – манастир „Св.Никола“

Градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски, министерот за транспорт и
врски Горан Сугарески и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во
земјоделството и руралниот развој (АФПЗРР), Николче Бабовски, денеска
извршија увид на новоизградениот пат кој од село Волково, преку населеното
место Прилепец води до манастирот „Св.Никола“.

Градоначалникот Јованоски истакна дека станува збор за пат во должина од 5.5
километри, кој е дел од трите проекти со кои Општина Прилеп аплицираше во
Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

„Сите три проекти со кои аплициравме вредат 60 милиони денари, односно еден
милион евра, средства кои Агенцијата и’ ги додели на нашата општина. Сакам да
упатам порака до граѓаните, дека во изминатите три месеци Општина Прилеп
направи патна инфраструктура во должина од 25 километри. Од нив, 10
километри се реконструкција и рехабилитација на улиците во градот, а 15
километри во населените места во општина Прилеп. Овој пат од Волково преку
Прилепец до манастирот ‘Св.Никола’ е долг околу 5.5 км. Завчера започна
рехабилитацијата на регионалниот пат од Кадино село до Галичани, а изградивме
патна инфраструктура и во населените места Големо и Мало Коњари, Галичани,
Алинци, Лагово, Канатларци и Тополчани, со што го заокруживме пролетниот дел
од градежната офанзива која ја имаше Општина Прилеп. Уште еднаш сакам да
упатам благодарност до Министерството за транспорт и врски и до АФПЗРР“,
изјави градоначалникот Јованоски.

Првиот човек на (АФПЗРР), Николче Бабовски, рече дека проектите кои денеска ги
промовираат, се дел од мерките и програмата за рурален развој кои ги
имплементира Агенцијата, со единствена цел да се подобрат условите за живот и
престој во руралните средини.

„Општина Прилеп преку Агенцијата има добиено три проекти, а заедно со тој од
Пелагонискиот плански регион, четири. Целата финасиска конструкција изнесува
еден милион евра, со 100% финансиско учество на Агенцијата, додека Општината
го плаќа ДДВ-то. Преку овие проекти, но и преку останатите 200 проекти кои што
се реализираат преку оваа Програма во висина од 38 милиони евра, Владата
покажува дека се грижи за создавање еднакви услови за живот, престој и развој на
мали бизниси на територијата на цела држава, односно се грижиме за
рамномерен регионален развој. Бидејќи во овие предели, самата природа
покажува дека можностите кои што ги нуди Прилеп и овој дел од општината, се на
високо ниво. Ова нека биде предизвик за сите млади луѓе да останат во државата
и тука, на своите огништа, да започнуваат свои бизниси“, потенцираше Бабовски.
Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески истакна дека посветеноста на
Владата во делот на реализација на капиталните инвестиции, е на високо ниво, а
сите започнати проекти и покрај здравствената криза со која сме соочени, ќе
бидат целосно завршени во периодот на тековната градежна сезона.

„Сакам да го поздравам овој извонреден проект, кој е направен од страна на
Општината со поддршка на Агенцијата за финансиска поддршка и рурален развој.
Се надевам дека во понатамошниот период, ќе се реализираат уште многу вакви
проекти. Кога го гледаме Прилеп и Прилепскиот регион, можеме да видиме дека
станува збор за една голема градежна офанзива која се случува во моментот. Ќе напоменам само дека покрај овие проекти кои се во тек, завршени се и голем број
на регионални патишта, како што е патот од Прилеп до вештачкото езеро, патот
Прилеп – Тополчани – Битола, а интензивно се работи и на патот од Лагово до
Витолиште во мариовскиот дел, за кој очекувам да биде завршен и целосно
асфалтиран во текот на овој месец. Истовремено, завршуваат градежните работи
на патот од Фариш до Дреново, а во текот на овој месец најверојатно ќе биде
распишан и тендерот за продолжување на градежните активности на експресниот
пат на истиот тој потег“, изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.
Сугарески напомена и дека преку Јавното претпријатие за државни патишта се
спремаат јавни набавки за 7 нови проекти, од кои 6 се наменети за овој регион,
помеѓу кои е и реконструкцијата и рехабилитацијата на трите ленти на патот од
Фариш до Прилеп, во должина од 19 километри. Дополнително, министерот
Сугарески потенцираше дека се обзебедени 1.200.000 евра за изградба на
локални патишта и улици во општина Прилеп, најавувајќи дека идната недела ќе
биде распишан и тендерот за изградба на канализацијата во населеното место
Мало Коњари.