Завршени градежните работи на ИКТ центарот во Прилеп

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, заедно со градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски и претседателот на Совет, Миле Талевски, денеска присуствува на завршетокот на градежните работи на ИКТ центарот, којшто е еден од капиталните проекти и инвестиции на Министерството за внатрешни работи, а финансиран од страна на ЕУ.

„Ова е значаен проект за безбедноста, за зачувување на интересите на граѓаните и интересите на Република Северна Македонија, заради тоа што во случај на катастрофи, принудни или предизвикани од човечки фактор, ќе може тука да се зачувуваат податоците и без проблеми да функционира системот.

Ова е една од фазите, завршната фаза, а следуваат уште две други фази од проектот, односно инсталирање на целосната информатичка опрема и на крајот обука на вработените и започнување со процесот на работа на ИКТ центарот.

Очекувам дека во предвидениот временски рок ќе се изведуваат и наредните фази. Целиот проект е во вредност од над 11.000.000 милиони евра, додека оваа фаза за која сме присутни денес, изнесува 3.4 милиони евра.

Некаде до месец мај 2020 година, треба да заврши имплементацијата на проектот во делот на инсталирање на опремата во ИКТ центарот, а во јуни да се стартува со обуките и со почеток на работа на ИКТ центарот“, изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

Првиот човек на македонската полиција, изрази благодарност до градоначалникот и Советот на општина Прилеп, за нивната несебична поддршка во имплементацијата и изградбата на овој капитален објект, додавајќи дека очекува таквата поддршка и соработка да продолжи и тоа дека  ова е пример како треба да соработуваат локалната заедница и централата власт.

Изградбата на ИКТ центарот во Прилеп, е од витално значење за државата, за безбедноста на личните податоци на граѓаните и за функционалноста на институциите, кои се сервис за граѓаните.