Започнува 47 издание на Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“

„По пауза од 25 години, вистинската гајда на Пеце повторно ќе засвири на Фестивалот по повод одбележување на 25-годишнината од неговата смрт“, беше речено на денешната прес конференција која беше организирана во пресрет на 47 издание на Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“.

На 2 и 3 јули, на Камената бина во Прилеп и на „Рудина“ кај Долнени, ќе се одржи Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“, на кој учество ќе земат околу 320  изведувачи на изворен мелос од нашата држава.

„Фестивалот ‘Пеце Атанасовски’ речиси пет децении ги негува основните цели – зачувување и негување, како и пренесување на новите генерации на богатото, вековно, национално изворно творештво. Фестивалот и оваа година е под покровителство на Министерството за култура, поддржан од општините Прилеп и Долнени“, истакна градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски.

Во рамките на Фестивалот по деветти пат се одржа online семинарот за изучување на народни инструменти и песни. Целта на семинарот, на кој учествуваа десетина млади од кочанскиот и прилепскиот регион, е побудување на интерес за негување на изворниот мелос.

На 3 јули со почеток во 11.00 часот во Ликовната галерија при ЦК „Марко Цепенков“ ќе се одржи симпозиум на тема „Фолклорот во минатото и денес“, на кој воедно ќе биде промовиран и вториот по ред зборник на трудови.

И покрај пандемијата со корона вирусот, Фестивалот не го загуби континуитетот и продолжи да ги негува и зачувува изворниот мелос и богатата фолклорна традиција.