Започна реконструкцијата на водоводната мрежа на ул. „Кузман Јосифоски“ во Прилеп

0

Општина Прилеп започна со реализација на значаен инфраструктурен проект – реконструкција на водоводната мрежа на улицата „Кузман Јосифоски“, со цел подобрување на водоснабдувањето и решавање на долгогодишен проблем со дотраената водоводна инфраструктура.

Проектот се реализира со поддршка на Владата, преку Министерството за животна средина и просторно планирање, во вкупна вредност од 5.902.588 денари. Изведувач на работите е компанијата ВОД-ВАР ИНЖЕНЕРИНГ
од Скопје, а рокот за реализација е 6 месеци. Согласно утврдената динамика и разговорите со изведувачот, се очекува градежните активности да бидат завршени значително побрзо, односно за околу 60 работни денови.

Реконструкцијата опфаќа делница од јазолот на бул. „Гоце Делчев“ со ул. „Кузман Јосифоски“ (бр. 1–55), до јазолот на ул. „Кузман Јосифоски“ со ул. „Ленин“ (бр. 1–72), со што прецизно е дефиниран опфатот на проектот.

Со овој инфраструктурен зафат се решава долгогодишен проблем на жителите, бидејќи постојната водоводна линија поминуваше низ приватни имоти, што создаваше сериозни потешкотии при интервенции и редовно одржување. Станува збор за главен транспортен цевковод кој носи вода од резервоарот во Варош, што ја прави оваа инвестиција особено значајна за стабилно и непречено водоснабдување.

Во рамки на проектот, старите и дотраени азбестно-цементни и метални (цинковани) цевки ќе бидат заменети со нови современи полиетиленски цевки, со што значително ќе се подобрат квалитетот, сигурноста и долговечноста на водоводната мрежа.

Предвидена е изградба на околу 300 метри главна водоводна линија со профил Ф-315, како и дополнителни 140 метри секундарна мрежа со профил Ф-63, на која ќе бидат поврзани и куќните приклучоци на жителите.

Општина Прилеп продолжува со реализација на проекти кои придонесуваат за модернизација на инфраструктурата и обезбедување поквалитетни и побезбедни услови за живот за сите граѓани.