Заклучок на Советот за превенција на општина Прилеп: Состојбата со Ковид-19 не е алармантна, активно да се спроведуваат превентивните мерки.

На барање на двете големи стопански компании “Гентерм“ и “ВИК“, денеска се  одржа состанок на локалниот Совет за превенција, на кој се дискутираше за состојбата со вирусот Ковид-19 на територијата на општина Прилеп.

Засилени контроли од страна на пазарната инспекција, организирање на едукации во градинките и училишните установи, формирање на Комисија од страна на локалната Самоуправа која ќе врши контрола врз институциите за начинот на спроведување на мерките за заштита од Ковид-19, се дел од заклучоците кои беа донесени на денешната средба, со која раководеше градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски.

Генералниот зклучок на членовите на Советот, е дека состојбата со заразната болест во општината не е алармантна, но сепак е потребно активно спроведување на превентивните и едукативни мерки за заштита од коронавирусот.

„Потребно е во континуитет да ги преземаме сите неопходни мерки и чекори за спречување на несакани последици со Ковид 19, а се‘ со цел да не дојде до ескалирање на ситуацијата во следниот период. Да се потсетиме дека на почетокот од пандемијата, Прилеп беше еден од најзагрозените градови веднаш по Скопје и Куманово. Но, со формирање на Кризниот штаб, силната активност на здравствените институции, кои секојдневно се на браникот на борбата со Ковид-19,  успеавме подолг период во Прилеп да имаме по еден или ниту еден заразен. Сега мерките се олабавени, а со тоа се олабавија и граѓаните, со што се зголеми и бројот на заразени со болеста. Состојбата не е алармантна, но ние мораме да делуваме превентивно“, посочи градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски, во  своето обраќање на денешниот Совет за превенција.

Директорката на Центарот за јавно здравје, Драгица Николоска, нагласи дека мора да работи на поткревање на јавната свеста за последиците од коронавирусот. Од нивното досегашно искуство, задолжителното носење на маски, држењето на растојание и дезинфекцијата, се клучните и основни начини за заштита од Ковид 19. 

Раководните лица на ОВР-Прилеп, посочија дека се спроведува мерката за казнување за неносење на заштитни маски, редовно се врши контрола на лицата кои се во самоизолација, а контроли се вршат и на збирни места на кои младата популација е најзастапена. 

Претставници од приватните компании, истакнаа дека се внимава на сите мерки и протоколи во автобусите и во работните простории на нивните нивните објекти, дека се врши редовна дезинфекција и проветрување.

На денешниот Совет за превенција,  присуствуваа претставници на Советот на Општина Прилеп,  Стопанската комора,  бизнис секторот во градот, Центарот за јавно здравје, МВР, Територијалната противпожарна единица.