Во работна посета на Општина Прилеп министерот за транспорт Александар Николоски

0

Во работна посета на Општина Прилеп денеска престојуваше заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, кој заедно со градоначалникот Дејан Проданоски извршија увид во реконструкцијата на тротоарите долж улицата „Кеј 1-ви Мај“, на потегот до железничкиот мост.
Проектот, кој се реализираше со средства од Министерството за транспорт во рамки на Проектот за поврзување на локални патишта, опфати целосна реконструкција во должина од 600 метри. Извршено е уредување на тротоарите со бекатон плочки, поставено е ново улично осветлување со вкупно 21 канделабра, како и урбана опрема, клупи и корпи за отпадоци.
Градоначалникот Проданоски истакна дека вредноста на инвестицијата изнесува околу 7 милиони денари, при што, благодарение на рационално управување со ресурсите, се обезбедени заштеди кои ќе се искористат за дополнителни содржини.
„Вкупната вредност на проектот изнесува околу 7 милиони денари. Со добра организација на проектот добивме заштеда на дел од материјалите, кои веќе се користат за изградба на ново детско паркче со површина од околу 300 метри квадратни во населбата Бончејца, наменето за најмладите. Следна фаза е реконструкцијата на велосипедските и пешачките патеки на улицата „11 Октомври“, која што би требало да започне во текот на месец мај“, изјави градоначалникот Проданоски.
Тој најави и дополнителни инфраструктурни зафати на овој потег, меѓу кои доуредување на речното корито со кејски ѕидови, уредување на градската река, како и изградба на три пешачки мостови.
„Покрај изградбата на кружниот тек на мостот „Табана“ заедно со министерот го најавуваме и проектот за изградба на источната обиколница, што значително ќе го растерети централното градско подрачје од сообраќајниот метеж“, додаде Проданоски.
Министерот Николоски потенцираше дека Владата дава силна поддршка за развојот на инфраструктурата во Прилеп и најави интензивирање на активностите во наредниот период.
„Општина Прилеп веќе работи на проектирање на обиколницата, а Владата ќе ја преземе обврската за нејзино финансирање и изградба. Во тек се значајни инфраструктурни проекти – се работи на автопатот Прилеп–Битола, а по завршувањето на експресниот пат Градско–Дреново–Фариш, ќе продолжиме со делницата кон Прилеп. Градот добива и два нови моста, од кои едниот веќе се гради, додека за вториот е во тек тендерска постапка“, истакна Николоски.
Во рамки на посетата, министерот и градоначалникот остварија средба и со претставници на бизнис-заедницата од Прилеп, при што беше потенцирана потребата од ревитализација на железничкиот сообраќај и повторно воспоставување на карго-превозот.
Како што беше нагласено, повторното активирање на железничкиот транспорт ќе овозможи поевтин и поефикасен транспорт за компаниите, како и отворање нови можности за економски развој и нови работни места.