Во Прилеп се санираат штетите од поплавите

Невремето што го зафати Прилеп  во попладневните часови предизвика  штети во одредени домаќинства и проблеми на разни делови од градот.  Поплавени се пет куќи, градот е без интернет, а проблем има и со атмосферската канализација.  Градоначалникот Илија Јованоски,итно го состана кризниот штаб. Со дел од членовите, директорите на јавните комунални претпријатија излегоа на терен, за да ја согледаат реално состојбата, со цел итно да се интервенира и да им се помогне на домаќинствата што претрпеа најголеми штети.

„Пред  час и половина Прилеп го зафати силно невреме имаше силен пороен дожд со времетраење од  25 минути. На повеќе места има затната канализација и поплавени куќи. На 15 места во градот и во околината има поплави. Но, за среќа водата е исчистена по поројниот дожд.  Во населбата Варош имаше  удар на гром. Нема повредени за среќа,предизвикана е само материјална штета, која што веќе е санирана од страна на екипите на ТППЕ. А, во овој момент екипите на ЈКП ‘Водовод и канализација’ и ЈКП ‘Комуналец’ се на терен  и сите дефекти ги отстрануваат. Има пријави за пет поплавени куќи, во коишто се интервенира во моментот. И покрај овие штети, мислам дека невремето помина без некои поголеми последици и се надевам дека сè ќе помине во најдобар ред“, порача градоначалникот Илија Јованоски.

Екипите и механизацијата на ЈКП „Водовод и канализација“ и ЈКП „Комуналец“ интервенираат на терен.

„На 15 места е затната атмосферската канализација, поплавени се пет објекти. Во овој момент се превземаат сите дејствија од страна на јавните комунални претпријатија за санирање на штетите. Екипите се мобилни и секаде онаму каде што има потреба ќе интервенираме“, истакна  Емил Јанески, директор на ЈКП „Водовод и канализација“.

„Екипите на ЈКП ‘Комуналец’ интервенираат во централното градско подрачје. Ги чистат улиците, наносите и останатиот отпаден материјал. Потоа со црева ќе се измијат сите улици, а во моментот се работи и во населбата ‘Тризла 2’ со механизација, бидејќи таму има поголеми наноси“, истакна Звонко Јованоски, директор на ЈКП „Комуналец“.

Од јавните комунални претпијатија им порачуваат на граѓаните, доколку има поголеми штети или се соочуваат со какви и да е проблеми предизвикани од невремето и во нивна надлежност,  веднаш да ги пријават за да се интервенира брзо и навреме.