Во Прилеп се одржа Олимписка обука за спортски менаџмент и спортска администрација

Денеска во Прилеп, во организација на Олимпискиот комитет на Северна Македонија и на Општина Прилеп, се одржа Олимписка обука за спортски менаџмент и спортска администрација на МОК / ИОК.

Обуката беше реализирана од страна на Сашо Поповски, Генерален секретар на Олимпискиот комитет на Северна Македонија и Даниел Димевски, советник на премиерот за спорт и на неа присуствуваа спортисти и претставници од повеќе спортски клубови и федерации.

На обуката беа опфатени неколку области, како што се стратешкиот и проектниот менаџмент, водење на спортските организации, развојни стратегии и односи меѓу спортските и јавните авторитети, стратешко планирање, менаџмент на ресурси (материјални, финансиски, временски), извори на финансирање и сл.

Интерактивниот карактер на обуката овозможи да бидат отворени и други теми поврзани пред се’ со состојбата на спортската инфраструктура и спортските објекти во општина Прилеп, како и други прашања од локален карактер и од интерес на прилепските спортисти и спортски клубови.

Во соработка со Агенцијата за млади и спорт, спортските клубови и федерации и други спортски ентитети, Олимпискиот комитет на Северна Македонија организира вакви обуки во повеќе градови во нашата држава.