Во Прилеп отворено деветтото издание на „Денови на медот“

На плоштадот „Методија Андонов-Ченто“, денеска започна деветтото издание на манифестацијата „Денови на медот“. Прогласувајќи ја манифестацијата за отворена, градоначалникот Илија Јованоски им посака добредојде на пчеларите од другите градови од Македонија, како и на гостите од Србија.

„Им се заблагодарувам на организаторите на „Деновите на медот“, здружението „Братство“ од нашиот град, за организацијата на овој настан и за промоцијата која на овој начин ја прават за Прилеп во домашни и меѓународни рамки. Очекувам следните денови да ја промовирате вашата работа, да се дружите и да размените искуства. Знам дека пчеларството е макотрпна работа, но исто така знам дека има многу граѓани кои се ентузијасти и кои со оваа работа се занимаваат долги години“, истакна градоначалникот Јованоски.

Претседателот на пчеларското здружение „Братство“, Дејан Бошкоски ја истакна важноста од конзумирањето и користењето на медот во секојдневната исхрана на луѓето.

„Податоците зборуваат дека конзумирањето на мед во Македонија е далеку под нивото на западноевропските земји. Недоволната информираност на граѓаните за неговата важност во исхраната, доведува до многу мала потрошувачка. Пчелните производи многу значат за здравјето и животот на човекот. Медот и другите пчелни производи би требало да бидат составен дел во секојдневната исхрана, затоа што со ништо не можат да се заменат“, нагласи Бошкоски.

Манифестацијата „Денови на медот“, ќе трае во следните 4 денови.